Арсовски до Костадинов: Владата на СДСМ во време на пандемија доделува лиценца за одгледување на марихуана на синот на Боро Стојчев

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 го запраша портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов дали е информиран дека Владата на СДСМ во време на пандемија кога граѓаните ги губат своите работни места, доделува лиценци за одгледување на марихуана, а меѓу другите и на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село од СДСМ Боро Стојчев, кој беше осуден за шверц на цигари.

„Дали знаете дека вашата Влада во време на пандемија доделува неколку лиценци за одгледување на канабис?! Дали знаете која е едната лиценца?! ЕКО ЕНЕРЏИ-КОСМОС ДОО С. Зубово Ново Село. Дали знаете кој е управител на таа фирма?! Перо Стојчев, син на вашиот кадар кој што беше осуден за шверц на цигари, Боро Стојчев. Поентата ми е дека и во време на вонредна состојба, во време кога граѓаните не знаат како ќе се справат со целава криза, во време кога граѓаните остануваат без работен однос и немаат примања дома, вие како СДСМ и како Влада носите одлука за доделување на лиценца на фирма која што е блиска до СДСМ. Толку ви е дојдено до здравјето на граѓаните“, заврши Арсовски.