Арсовски: Граѓаните преживуваат, а функционерите на СДСМ земаат над 2.000 евра месечно

Луксузот кој го живеат функционерите на СДСМ со парите на граѓаните е на највисоко ниво. Вчера видовме дека потрошиле за само 3 години над 8 милиони евра за луксузни возила и автомобили, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Денеска сакаме да споредиме колку функционерите на СДСМ се попривилегирани во однос на обичниот народ и граѓанин во Република Македонија. За да не мора оваа прес конференција да трае цел ден, имајќи ги во предвид сите привилегии на сите функционери на власта, издвоивме за денеска неколку имиња на функционери на СДСМ, каде што ќе ги анализираме нивните плати кои ги добиваат од државата односно од парите на граѓаните. Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, инаку поранешен пратеник на СДСМ. Па сакаме да прашаме, дали Томислав Тунтев како директор на оваа агенција, инаку кадар на  СДСМ, назначен од СДСМ зема месечна нето плата од 3.000 евра или 180.000 денари, односно бруто плата од 270.000 денари секој месец? Во овој случај кадарот на СДСМ за 20 месеци доколку ја зема оваа плата откако е назначен има инкасирано околу 60.000 евра нето плата, пари од граѓаните. Ова се околу 8 до 9 нето просечни плати во Република Македонија, што ги земаат граѓаните, наспроти платата што ја зема овој функционер на СДСМ секој еден месец. Тука не ги вбројуваме трошоците за службени возила, репрезентации и бонуси, истакна тој.

Арсовски потоа обелодени дека Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија, инаку кадар на СДСМ кој може да се види и сите видоа на слики од партиски штабови на СДСМ. Инаку човек на таа позиција не смее да биде поврзуван со политичка партија, но се обработува за СДСМ и Заев, тоа веќе е јасно.

-Јавно прашуваме дали Бислимоски, кој им ја покачи струјата на граѓаните во ек на економска и здравствена криза што е никаде во светот невидено, зема нето плата секој месец од над 2.000 евра, поточно околу 2150 евра секој месец или 130.000 денари, односно бруто плата околу 200.000 денари? Во овој случај, откако е назначен Бислимоски, за 26 месеци има земено нето плата над 55.000 евра, пари од државата и граѓаните. Потенцирам 55. 000 евра легнуваат за овие наназад месеци откако е назначен Марко Бислимоски, на неговата сметка, како нето плата, додека од друга страна ја покачува струјата на сите граѓани. Човекот што им покачува струја на граѓаните и вели дека покачувањето не е ништо, за нешто повеќе од 2 години заработил чисти 55.000 евра. Ева Шуклева, директор на државната институција МЕПСО, кадар поставен од СДСМ. Пред нејзе, пред да биде назначена она исто кадар поставен од СДСМ, Сашо Василевски, инаку вмешан во повеќе скандали поврзани со Катица Јанева, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски јавно прашува дали е точно дека платата на првиот директор Сашо Василевски од СДСМ, а потоа и на неговиот наследник, Ева Шуклева актуелната директорка во МЕПСО изнесува над 110.000 денари нето секој месец?

-Во овој случај, во своето директорување Сашо Василевски заработил за околу 2 години над 43.000 евра нето плата, а актуелната која што го замени Сашо Василевски, на истата позиција директор на МЕПСО, за 14 месеци награда директор за партиската активност во СДСМ, над 26.000 евра нето примања? Дали ова се платите на директорите од СДСМ во МЕПСО? Или вкупно двајцата преку позицијата директор на МЕПСО за нешто повеќе од 2 години преку истата позиција директор потрошиле околу 70.000 евра народни пари за нивни лични плати на ова позиција, рече тој.

Оцени дека ова е апсурдот на владеењето на СДСМ.

-Не можат да обезбедат компјутери и ИТ-уреди за учениците од семејства што немаат пари да им обезбедат, а такви се на 40.000 ученици, а нивните директори од СДСМ земаат основица нето плата преку само 3 позиции, за нешто повеќе од 2 години, над 200.000 евра народни пари. Нето плата доделена на овие позиции за директор изминативе години над 200.000 евра. 200.000 евра легнале на сметките на 4 функционери на  СДСМ за само нешто повеќе од 2 години. Додека граѓаните живеат со минималец плата заради корона пандемијата, за жал бидејќи Владата не им помага  на стопанството и на вработените, функционерите на СДСМ земаат месечни плати кои не се бројат во десетици илјади, туку во стотици илјади денари, плати кои што не се бројат во стотина евра, туку во илјадници евра. Настрана, овие примања им се од криминалите во кои се вмешани како функционери на СДСМ, за кои обвинителството е глуво и немо, а претходно медиумите имаат пишувано, заклучи тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.