Арсовски: Наместо за инвестиции, пари од РЕК Битола одат за вработување кадри на СДСМ

Средствата од буџетот за РЕК Битола наместо за инвестиции и нови проекти одат за бизниси во четири очи и за вработување на блиски роднини на функционерите од СДСМ. Васко Ковачевски откако стана директор на РЕК Битола, се погрижил да вработи и голем дел од неговото семејство во оваа државно претпријатите. Во РЕК Битола од неодамна се вработени Горан Димовски, брат на сопругата на Ковачевски и Миле Вељановски кој е зет за прва братучетка на Ковачевски, инаку негов близок соработник во предизборните кампањи, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој додаде:

„Вработување во РЕК Битола има и за роднините на Александар Кирацовски, кој е генерален секретар на СДСМ а потекнува од Битола, имено во РЕК Битола од неодамна е вработен неговиот прв братучед Златко Кирацовски. Вработување во РЕК Битола добила и сопругата на градоначалникот на Новаци, Марица Кузмановска. Сега две години откако ветуваа живот за граѓаните, гледаме дека тој живот всушност е живот за семејствата на функционерите на СДСМ. Непотизам од најголеми размери. Непотизмот стана главна одлика на оваа власт, услов за вработување станува роднинската врска со некој функционер или пак партиската послушност. Ова е уште еден доказ дека општеството длабоко се партизира, а институциите се користат како место за задоволување на партиски апетити на власта.“

Според Арсовски додека средствата од РЕК Битола се трошат за нови вработувања и тендери во четири очи со фирми блиски до власта во РЕК Битола се случуваат константни испади на блоковите кои причинуваат штети вредни стотици илјади евра.

-На 12- ти овој месец падна БЛОК-3, кој последно беше ремонтиран и кој требаше континуирано да е во мрежа зимските месеци, а завчера испадна и БЛОК-1. Тоа се штети од околу половина милион евра. Една штета на еден блок е околу 200.000 евра. Неспособноста на раководство на РЕК предводено од Ковачевски го загрозува нормалното функционирање на термоелектраната во зимскиот период, која е пак најголем производител на струја во државата, дополни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски упати повик до Ковачевски да не ги троши средствата на РЕК Битола за вработување на роднини и партиски колеги и за склучување договори во четири очи.

„Договорите во четири очи со СВ Инвест која како што знаете според медиумите се поврзува со Вице Заев, а која од РЕК Битола во ваше време има добиено 1 милион евра бизниси во четири очи јасно покажува дека вашите партиски бизнис интереси се пред сите други. Но, не заборавајте дека еден ден, за сите работи кои што ги правите сега, ќе бидат проверени и ќе сносите одговорност.“, подвлече партискиот портпарол Димче Арсовски.