Секоја изјава на Зоран Заев, нов бисер. Највисоката инстанца на САД во свој извештај тврди дека криминалот и корупцијата во Владата се на највисоко ниво и им попречуваат на бизнисот во Република Македонија. Ова е факт цели четири години наназад. Криминалот и корупцијата во СДСМ и во власта го заземаат највисокото можно ниво, рече на прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– И кога Заев вели дека нема криминал и корупција во највисоките ешалони, со тоа им се смее в лице на Стејт Департментот и на граѓаните кои секојдневно го гледаат криминалот. Кога Заев вели дека не треба да бара одговорност од Љупче Николовски за високото ниво на корупција оти добро си ја вршел работата, стотици бизнисмени плачат секојдневно од оваа Влада – вели Арсовски.
Според него, и правосудните органи и Антикорупциската комисија се партиски достави на СДСМ и Заев, кои само работат под негов диктат и спроведуваат партиски нарачки. Нема ниту еден случај доведен до самиот крај каде што одговарал некој од власта за каков било направен криминал.
– Ваква недоветност и вакво лажење од страна на премиер до сега не е видено никаде. Замислете, Драги Рашковски кој му беше секретар на Влада, обвинет за висока корупција и криминал, Заев да вели дека не е прв ешалон. Венко Филипче, министер кој бркаше провизии на вакцини, кој заработи во време на пандемија, кој мести тендери секојдневно на клиника, Заев да вели дека не е прв ешалон. Криминалот во МВР каде што директно е одговорен Оливер Спасовски, којшто дели лични карти и пасоши и сè останато на криминалци и наркобосови, Зоран Заев да вели дека и овој човек не е прв ешалон. Катица Јанева во СЈО чиј цел тим беше од блиски луѓе и од блиска средина на СДСМ која рекетираше бизнисмени и јавно се зборуваше дека парите и ташната завршиле кај семејството Заеви, повторно Зоран Заев да вели дека овие луѓе не се прв ешалон. Не може за нивниот криминал да им се виновни шалтерски службеници кои само издаваат документи – смета Арсовски.
Тој додава дека тажната реалност во Република Македонија е дека криминалот и корупцијата го заземаат високото прво место во Владата и се уште никој не одговара.