Арсовски: Нема матна или коруптивна зделка каде што не се вмешани други луѓе од врвот на СДСМ

Откако дојдоа на власт во 2017 година, СДСМ и ДУИ не прекинаа со крадењето на парите на граѓаните. Изминативе неколку години сме сведоци како секој еден можен функционер на СДСМ буквално си зема од парите на граѓаните и не одговара за тоа истакна во неделата портпалот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Се осврна на последниот случај за кој Арсовск оцени дека станува збор за сериозен криминал од страна кумашинот и партиски соработник на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кого го постави за генерален секретар на владата, Мухамед Зекири.

„Мухамед Зекири, како што видовме преку медиумите, без тендер во четири очи направил коруптивен договор со двајца хрватски државјани во вредност од околу милион евра, правејќи фиктивни физибилити студии за рационализација и продажба на институција која што е под владата Македонски пошти. Или  како што и самите знаат да кажат тоа било ‘семинарски труд’“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски посочи дека „Македонски пошти“ е компанија којашто свесно изминативе неколку години била обезвреднета од владејаќките СДСМ и ДУИ, која не може да подели плати на вработените, а Зекири наместо тие милион евра да ги инвестира како влада во Македонски пошти и да помогне да профункционира, ги присвоил за себе.

„Ова не е ништо нов, ваков криминал и корупција има на секој чекор во оваа влада. И можеби треба да се запрашаме дали ова е единствениот криминал или нелегално работење на Мухамед Зекири. Ваков криминал сигурно има уште повеќе, но обвинителството треба што побрзо да истражи за сите сомничави работи кои ги правел Мухамед Зекири“, рече Арсовски.

Повторно праша дали и колку пари  од овие кои ги земал Мухамед Зекири завршиле во нечии други џебови како провизии.

„Сите знаеме целата јавност знае дека нема тендер, нема матна зделка  или коруптивна, каде што не се вмешани други луѓе од врвот на СДСМ. Дали и колку пари завршиле кај Зоран Заев, дали и колку пари завршиле кај Ковачевски? На ова треба да одговори обвинителството, а не веќе ден, два, три да молчи и да остане таму каде што е во моментов случајот. Дали е можно, најблиските луѓе на Зоран Заев и на Ковачевски да крадат, а тие да не земат процент? И за ова треба да одговори обвинителството“, рече Арсовски.

Потсети дека и претходниот генерален секретар на владата, исто така, близок на поранешниот премиер Заев, Драги Рашковски, е исто така обвинет за финансиски малверзации, и изрази сомневање во следниот избор на таа позиција.

По овие скандали, рече Арсовски, може да се види зошто Македонија е најсиромашната држава во Европа, и зошто не можеше да се справи со пандемијата во која бележи илјадници смртни исходи.

„Сега гледате зошто Република Македонија не можеше да набави ниту вакцини, ниту други потребни материјали. Сега гледате зошто Република Македонија нема пари, односно владата нема пари да го поддржи стопанството кое што секојдневно тоне во долгови. Сега гледате зошто  Македонија ги има најсиромашните граѓани. Одговорот е еден, а тоа е затоа што лоповското ДУИ на чело на владата ги испокраде парите на граѓаните. Ова не е ништо ново, за ова ВМРО-ДПМНЕ говори изминативе 5 години. За вакви ситуации, за вакви коруптивни и криминални зделки ВМРО-ДПМНЕ има поднесено стотици кривични пријави, но очигледно власта се штитеше преку правосудните органи. Сега веќе го имаат и граѓаните и сите останати одговорот зошто Македонија е најсиромашна земја. Затоа што СДСМ ја ограби буквално до последен денар“, заклучи Арсовски.