Арсовски: Непотизмот на СДСМ се шири како епидемија

Прогласената епидемија на непотизам алармантно се шири додека институциите спијат. Два нови случаеви заразени со епидемија на непотизам во Неготино, а власта сеуште молчи како всушност се заразиле, ова денеска на прес-конференција го потенцираше Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дека непотизмот не е еден случај и единствен, туку е начин на работење на СДСМ говори и примерот со пратеникот на СДСМ од Неготино Ристе Ташев, чија што сестра Катерина Јорданова се вработила во Основното Училиште Страшо Пинџур. Прашуваме, кој е критериумот според кој токму сестрата на пратеникот од СДСМ е вработена, а не некој друг? Сигурни сме дека не била единствена за таму и сигурни сме дека во огласот не пишувало во делот на критериумите – да биде сестра на Ристе Ташев. Нов ден, нов пратеник од СДСМ заглавен во непотизам. Страшно! Да потсетиме и дека во Неготино градоначалникот Тони Делков избран од граѓаните на Неготино ја вработи сопругата Надица Делкова во Основното Училиште Гоце Делчев, кое е директно под неговите ингеренции. Што уште треба да кажеме за Заев и СДСМ да признаат дека јавниот сектор го претворија во семејно-партиска фирма во која се вдомуваат најблиските роднини и тоа за жал на сметка на граѓаните кои остануваат без егзистенција и без можност за вработување и секојдневно тонат во сиромаштија, додава Арсовски.

Тој истакнува дека јавноста со право се прашува колку државни пари се одлеваат во семејните буџети на функционерите на власта и уште колку нивни роднини станаа вработени во државни фирми, институции, агенции, управи, општински органи и слично. Или обратно да прашаме, уште колку роднини на функционерите останаа невработени за да се вработат и тие? Сигурно се бројат на прсти.

-Лажниот концепт на Заев „Живот за сите“ јавноста го виде на дело. Тој концепт се претвори во “Живот за раководството на СДСМ“. Граѓаните, а посебно поддржувачите на СДСМ сфатија дека овој криминален картел на власт гледа само како да ги вработи своите сестри, мајки, браќа, баби, дедовци, внуки и сите останати на врхушката од  власта, а тие на кои нема да им вработи ниту еден близок ги дарува со грантови, тендери или јавни набавки секојдневно без срам и перде. Ова граѓаните ќе го казнат на престојните избори, затоа што само гласањето против СДСМ  е лекот за оваа епидемија којашто се шири секојдневно, завршува Арсовски.