Арсовски: Поради Заев и Анѓушев, 18 месеци 1.200 работници од „Југохром“ поминуваат низ пекол

Поради премиерот Зоран Заев и неговиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев , вече година и половина 1.200 работници од Југохром“ од Јегуновце минуваат низ вистински пекол и исто толку семејства исто толкав период се без основни приходи поради неодговорноста на власта којашто ги лаже вработените во комбинатот дека еве само што не почнал со работа, обвини во четвертокот Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„На 18 јуни 2017 година, Зоран Заев лично вети дека ќе се ангажира околу рестартирањето на Југохром, за на 12 октомври истата година Владата да излезе и со конкретно ветување дека фабриката ќе отпочне со работа најдоцна до мај – јуни оваа година, а еве помина цело лето, поминува и ноември, за жал Југохром се уште не почнува со работа. 1200 вработени се без работа и немаат основни средства за егзистенција, а виновниците за тоа имаат име и презиме, тоа се Зоран Заев и Кочо Анѓушев. Пред точно два дена власта која ветуваше целосно рестартирање сега вели дека истиот ќе почне со работа наредната година до јуни, со што спасени ќе бидат 550 вработени. Почитувани господо од власта, година ипол ги лажете 1200 напатени работници како ќе им објасните дека 650 од нив ќе останат без работа? Кои се тие кои ќе ги бркате, а кои се тие кои ќе што останат да работат? Што ќе прават 650 луѓе кои ќе останат без работа од Југохром? Тоа се 650 семејства или повеќе од 2600 луѓе од тие семејства, ќе бидат со целосна нарушена егзистенција“, рече Арсовски.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети дека меѓу снабдувачите со струја на „Југохром“, додека комбинатот работеше, беше ЕДС компанијата којашто беше во сопственост на вицепремиерот Анѓушев.

„Тоа можеме да го видиме од возниот ред на МЕПСО, кој ви го презентираме во позадина за 8 јуни 2016 година, од која се гледа дека ЕДС на Анѓушев во тоа време се јавува како добавувач на струја за Југохром. Власта треба итно и неодложно да одговори, дали позади нерестартирањето на Југохром се кријат нечии бизнис апетити и дали можеби некој зад кулисно се пазари? СДСМ година ипол е на власт и не оствари ниту едно ветување, а не успева затоа што и во еден Југохром се кријат лични бизнис интереси на поединци од власта и политичко пазарење за сметка на маката на напатените работници. Ова е најцрно време за македонската економија, и уште поцрно време за македонските граѓани. Оваа катастрофа мора еднаш да заврши. СДСМ мора да си замине од власт за Македонија да може да тргне напред. Што побрзо, толку подобро,“ порача Арсовски.