Арсовски: Премиерот Заев да запре со заканите до новинарите и медиумите

Вчерашната изјава на Зоран Заев точно ја отсликува психичката состојба во која тој се наоѓа и воопшто не е наивна. Зоран Заев е очаен и нервозен, и тоа можеше да се види многу јасно. Зоран го губи тлото под нозете и веќе не е во состојба да одлучува за иднината на граѓаните и нашата држава Република Македонија. Зоран Заев во очајна состојба, каде што по изгледот и заканите наликуваше на шеф на мафијашка банда, а не на премиер на држава, вчера се закани дека по ниедна цена нема намера да ја пушти власта и да си замине, изјави на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Арсовски потенцира дека Зоран Заев, вчера се закани и кон медиумите и кон сите останати оние кои што имаат намера да ги изнесуваат на виделина сите негови криминалии и криминалиите на неговото раководство, за кои што подоцна ќе треба истите тие да сносат одговорност за се она што го правеле изминатиов период.

-Самиот Заев кој е вмешан во целата оваа криминално – рекетарска мрежа, потврди дека нема намера да дозволи да го симнат од власт оние со кои што шурувал и соработувал изминатиот период и без да бира средства, ќе се обиде да го заташка целиот случај за милионскиот рекет. Што нормално не смее да се случи. Да сакаше Заев да се реши случајот немаше да ги штити неговите блиски од раководството кои се директно вмешани во целиот случај. Додека Заев се заканува кон граѓаните, Катица Јанева сеуште не е повикана на распит во обвинителството и е на слобода наместо во притвор. Нервозата и очајот кај Заев покажуваат дека и тој самиот е вознемирен за целиот случај кој е обелоденет и кој го покажа неговото право лице по 100-ти пат и е свесен дека после ова нема назад. После вчерашната изјава само уште еднаш се потврди дека позади притворените во случајот „Рекет“ стојат челните лица на СДСМ и Владата, односно стои позади нив Зоран Заев, подвлече Арсовски и додаде:

„Ја осудуваме неговата изјава и му порачуваме да прекине да се заканува кон новинарите и медиумите, да прекине да врши притисок врз граѓаните да бидат слепи на неговиот криминал и да си даде оставка што побрзо, затоа што неговиот кредибилитет во моментов е помалку и од нулата. Никој повеќе не го сфаќа сериозно. Затоа, потребни се предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните иако против негова волја како што кажа нема намера да ја пушти власта, ќе го тргнат Заев. И ќе го пратат Зоран Заев и СДСМ во историјата. Следува веднаш после предвремените парламентарни избори обнова на Македонија и тоа следува многу брзо.“