2.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Арсовски: СЈО три години функционирало како злосторничко здружение

СЈО цели три години функционирало како злосторничко здружение. Во моментов ја гледаме аферата „Кеш“ од милионски размери проневерени пари помеѓу обвинителите и функционерите на СДСМ од касата и буџетот на СЈО, односно проневерени пари на граѓаните, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Не само што се злоупотребувале овластувањата и законите за рекет и уцени, туку организирано се ограбувал буџетот на институцијата, односно се ограбувале милиони евра на граѓаните. Без никаква основа и без никакви критериуми стотици илјади евра се делеле секој месец на лица блиски до Зоран Заев и Катица Јанева, односно на лица кои што треба да му прибават било каква корист на Зоран Заев. Си делеле пари и додатоци за дејствија кои по закон морале да ги преземаат, согласно описот на работно место каде што функционираат лицата. Нема поголема иронија кога Фатиме Фетаи се обидува да се оправда за стотиците илјади евра, повикувајќи се на патните трошоци кои пратениците во собранието ги земале, а за истите тие патни трошоци, истата таа Фатиме Фетаи отвараше кривична истрага. Истрага за криминалното разграбување на парите на граѓаните мора да има и таа мора да заврши со изведување пред лицето на правдата на сите оние кои го злоупотребувале буџетот и лично профитирале, а на крај парите на граѓаните мора да бидат вратени во буџетот. СЈО се користело единствено за рекетирање, уцени, притисоци и испумпување на народните пари. СЈО е дувло на непотизам и дувло за испумпување на парите на граѓаните. Замислете, институцијата што требаше да гони висока корупција и криминал, злоупотреба на службена должност и државни пари, го направи истото но во неколку пати поголеми размери. Кој сега ќе ги истражува нив? Вработените во СЈО и функционерите на СДСМ си делеле меѓу себе милиони евра. Обвинителите во СЈО земале за 4 години помеѓу 200.000 и 400.000 евра и згора на се и тие пари им биле малку, па продолжија да рекетираат, гледајќи ги целата јавност сите оние случаи на рекетирање. Замислете, не само што си делеле пари меѓу себе обвинтиелите, тие делеле пари и на други владини функционери. На пример Арафат Ештреф Муареми директорот на финансова полиција, освен редовната плата, од СЈО земал 26,000 евра хонорар за нешто што му е работа по службена должност. За што ги земал овие пари? Дали ова доделување на пари на директорот на финансова полиција од страна на СЈО е по законски пат, и дали е законски? Дали ги земал парите за да изврши дејствија кои му следат согласно работниот опис на функцијата, како директор на финансова полиција? Малку му биле тие пари, па неговата сопруга Премтиме Муареми исто така земала од СЈО илјадници евра надоместоци, односно земала пари од парите на граѓаните. Буџетот на државата и граѓаните е оштетен од страна на вработените во СЈО, од страна на СДСМ, преку кој се злоупотребени милионски суми. Додека граѓаните немаат леб да јадат, додека докторите земаат плата по 400 евра, додека полицајци ни гинат за 500 евра плата, Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и сите останати обвинители, вработени во СЈО, и сите функционери од СДСМ земале стотици илјади евра само затоа што ги извршувале политичките нарачки на Зоран Заев, истакна Арсовски.

За ова некој мора да одговара и мора да сноси одговорност. Ова е класична злоупотреба на службена должност, класична злоупотреба на јавни финансии и организирано цедење на државниот буџет и буџетот на граѓаните. Ова е класично злосторничко здружување, и за ова мора да одговараат сите оние кои што се офајдиле на овој начин од државниот буџет и од парите на граѓаните, додаде тој.