Арсовски: Што превезувале возилата за кои Заев интервенирал да се пропуштат?

Сѐ уште молчи цела Влада, молчи и Зоран Заев, а молчат и МВР и Оливер Спасовски, зошто лично се јавил Зоран Заев како премиер да ургира за пет возила да ја поминат границата Деве Баир во 1 часот по полноќ во полициски час, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

– Ова не е работа на премиерот, па затоа прашуваме, која била причината лично Зоран Заев да се јавува да се пропуштат возила на граничен премин во полициски час? Што превезувале истите возила за кои се јавил лично Зоран Заев? Кои службеници се тие што ја спровеле насоката на Заев, иако не смеат да примаат насока од премиер туку си имаат хиерархија? Дали е извршен претрес на овие возила за да се види дали превезувале нешто? Дали можеби со ова јавување на Заев нема простор за сомнеж за потенцијален шверц во полициски час на одредени работи? Сигурно е после јавувањето на Заев, никој не ги проверил овие возила што превезувале – рече Арсовски.

Според информации на ВМРО-ДПМНЕ, се работи за три возила од Скопје, едно од Тетово и едно странско возило од Косово со косовски регистарски таблички и косовски државјани.

– Кои се овие луѓе што се толку важни за лично Заев да се јавува за да ги пропуштат во полициски час?Згора на сѐ, кои се службениците кои се обиделе да ги сокријат во службените белешки овие возила дека поминале, а најпрвин потенцирале дека Заев лично се јавил да ургира за нив? Дали и ова заташкување и бришење од евиденција е по насока на Зоран Заев? Што се обидуваат да сокријат? – праша Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.