Арсовски: Стејт департментот нотира корупција и криминал на високи владини функционери

38

СДСМ имаат сериозен проблем со реалноста и без срам ја лажат јавноста. Криминалот и корупцијата во Македонија се на прво место и нивните креатори имаат име и презиме,Зоран Заев, Оливер Спасовски, СДСМ и цела криминална заевска булумента од Влада и правосудство, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Дека ова е вака, нотирано е и во извештајот на Стејт департментот на САД во кој се образложува и нотира за високо ниво на корупција и вмешаност на владини функционери. Македонија стана синоним за корупција и криминал. Законите за борба против корупцијата повремено слабо се применуваат и со нив селективно се гонат критичари на власта и ситни прекршители. Има сериозни обвинувања за корупција во полицијата, судството и во многу други сектори. Многу компании кои работат во Македонија, вклучително и американски компании, ја посочуваат корупцијата како проблем во доделувањето на јавни тендери и во правосудството, читат кој го пишува во извештајот на Стеј Департментот. Сите знаеме дека наместо вистинските криминалци се гонат новинари кои што се критички настроени кон власта, и сите знаеме за тендерите на Рашковски кој му беше најдобар другар и прв соработник на Зоран Заев каде што собрал милионски суми и ги наместил тендерите, вклучително и софтверот за академијата за судии и јавни обвинители каде што тој самиот можел да поставува кого сака. Тендерите на фамилијата на власт се насекаде. Доволен пример и показател е РЕК Битола кој што е класичен пример за испумпување пари преку тендери од страна на фамилијата на власт. Знаете дека и за тоа има пријавен случај за рекет во МВР, и нормално стои и тапка во место некаде во фијока“, истакна Арсовски.

Корупцијата во Македонија која е на историско рекордно ниво ја потврди и Транспаренси интернешнал претходно каде сме на 111-то место, подвлече Арсовски.

„Извештајот на Стејт департментот исто и како извештајот на Транспаренси интернешнл не е перцепција како што сакаат да кажат во Владата, туку е болна и сурова реалност во која што не однесоа СДСМ. Освен што сме најкорумпирани во Европа, Министерството за внатрешни работи предводено од Оливер Спасовски успеа да нѐ изрезили во цел свет и со тоа што подели 215 официјални пасоши со украден идентитет на најголемите нарко-босови, мафијаши, убијци, терористи во Европа и светот“, рече Арсовски.

Потсети дека дополнително, за тоа како реформите се спроведени во МВР, како што рече, доволно говори што кадар на СДСМ и Спасовски поставен за началник на полицијата во Прилеп кој го има на илјадници слики со СДСМ, односно со Оливер Спасовски и Зоран Заев, беше уапсен од страна на американската ДЕА во акција за сузбивање на трговија со дрога.

„Тоа доволно кажува дека мафијата има своја држава и дека власта и мафијата е едно исто. Исто така, полицијата беше посочена од страна на обвинителството како причина за пробивање на акцијата ‘Планина’, во која требаше да се разбие еден од најголемите нарко картел во државата. Да потсетиме дека имаше јавни изјави дека шеф на обвинителство најавувал апсења и барал камери неколку месеци однапред и тоа за одредени политички структури коишто не мислат како власта, што уште еднаш го покажува односот на државата кон граѓаните, односно селективноста која е нотирана и во извештаите кои што за жал ги читаме“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски притоа истокна дека „силувањето на законите и процедурите“ во Собранието, исто така, е нотирано во извештајот на американскиот Стејт департмент, и тоа како што оцени тој, единствено за личен интерес„ на мафијата на власт и Зоран Заев“.

„Последен пример е европското знаменце на законот за марихуана, само и само за да се збогати фамилијата на Зоран Заев“ потенцираше Арсовски.

Заклучи дека во владејачката СДСМ очигледно се во „тотална паника“, поради тоа што веднаш излегоа во јавноста со „фризираните анкети“, се кои според Арсовски се обидуваат да ги прикријат состојбите со криминалот и корупцијата кои метастазираа изминатиот период во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.