Арсовски: Вицепремиерот Анѓушев преку четири јавни набавки „заработил“ над два милиона денари

194

Вицепремиерот за економски прашањ Кочо Анѓушев преку нови четири јавни набавки се збгатил за 2.380.000 денари, покажуваат документите кои беа обајвени во петокот во медиумите од кои јасно се гледа дека Анѓушев изминатиов период не прекинал со учество на државните тендери и јавни набавки преку неговите фирми, обвини во саботата на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Пред да потенцираме за кои набавки се работи, би сакал да потсетам дека Кочо Анѓушев во јавно излагање на емисијата Топ Тема самиот кажа дека неговите фирми ќе се откажат од аплицирање на јавни тендери и нема да учествуваат во јавните набавки. Откога го кажа ова, Кочо Анѓушев како сопственик на фирмата ’Брако’ во четири наврати склучува договори со државни институции на коишто тој им е вицепремиер, инкасира преку неговата фирма два милиона и 380 илјади денари“, посочи Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ прецизирапе дека по овој телевизиски настап Анѓушев и откажување од тендерите и јавните набавки, склучил договор за набавка со Универзитетската клиника за кардиологија во висина од 641.920 денари. Само 11 дена по оваа јавна набавка, Анѓушев преку неговата фирма Брако склучил договор со Психијатриска болница – Негорци, во вредност од 664.340 денари. По само неполн месец од втората набавка, Анѓушев добива тендер и од Основниот суд во Велес од 82.000 денари, и, конечно, во април годинава ја добил и четвртата јавна набавка за снабдување на болнички наткасни, во вредност од 988.642 денари, јавна набавка којашто ја склучил со ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.

„Ете колку Анѓушев е искрен кон македонскиот народ и ете колку му држи зборот. Зборот на Анѓушев му држи исто како и ланскиот снег. За на крај, вчера, Кочо Анѓушев да излезе и да каже дека директните странски инвестиции биле најголеми до сега. Најверојатно наместо на странските директни инвестиции, Анѓушев мислел на работата на неговите фирми, дека е на историски највисоко ниво до сега откога стана вицепремиер во Владата на СДСМ“, заклучи Арсовски.

Порача дека доколку вицепремиерот Анѓушев се крижел за економијата и државата наместо за неговите лични фирми и тендерите, сигурни сме дека Република Македонија немаше да биде на работ на бездната со економски раст од само 0 отсто и капитални инвестиции од историски најниски 20 отсто, а граѓаните сигурни сме дека немаше да тонат во сиромаштија и да живеат полошо од било кога.

„Криминалното работење и сомнежот за криминалното работење на Анѓушев е пример дека оваа власт ниту поседува ниту пак практикува европски вредности за кои што сите се залагаме. Со тендери за своите фирми и полнењето на личните банкарски сметки не се оди во ЕУ и НАТО. На крајот, Република Македонија и граѓаните ќе победат, а криминалците ќе одат во затвор!“, порача Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.