Арсовски: Власта тајно ја зголеми акцизата на дизелот за два денара по литар

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека тајно ја зголемила акцизата на дизелот за два денара по литар.

– Власта повторно тајно, шверцерски, во нивен стил, ја зголеми акцизата за дел од горивата и тоа директно на трошок и на грб на граѓаните. Согласно последната одлука на Регулаторната комисија, акцизата за дизелот е покачена од 15,50 денари на 17,50 денари по литар. Ова значи дека дизелот поскапува два денара само по основ на покачената акциза од страна на Владата. Од ова произлегува дека последното покачување на цената на дизел горивото во најголем дел се должи на оваа разлика, која треба да завршува директно во буџетот на државата и, внимавајте, да ги полни дупките на Владата која што ги направи во буџетот единствено со крадење на парите на граѓаните. Со последната одлука на Регулаторната комисија, цената на дизелот стаса до 63,5 денари по литар што е покачување од 13 денари споредено со цената пред четири години кога СДСМ доаѓаше на власт – рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека ова поскапување на дизел горивата не е поврзано со најавената зелена такса, која што Владата ја најави, а која кога ќе се донесе дополнително ќе ги поскапи горивата од 4,13 денари по литар.

– Цената на дизел горивото, како и останатите горива влијае врз цените на многу производи, многу услуги, вклучително и патниот транспорт и ваквите покачувања кои што се случуваат и ќе се случуваат ќе имаат импликации на потрошувачката кошничка за граѓаните, односно, ќе се зголеми цената на животниот стандард. И тоа само затоа што Владата на СДСМ и нивната коалиција крадеше од граѓаните и сега дупките во Буџетот ќе ги полнат преку парите на граѓаните – рече Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.