Арсовски: ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина, ќe бараме рачно пребројување

И покрај целиот фалсификат и масовен поткуп на СДСМ и Зоран Заев, со сите притисоци, закани и злоупотреби, ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина, а СДСМ само во дваесетина. Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ останува најсилната политичка партија во Република Македонија, а народот испрати јасна порака дека никој не смее да ја погазува неговата волја и се определи за обнова на Македонија, а против криминалот на Зоран Заев и СДСМ, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Оние кои криминално владеа тоа го продолжија и за време на изборната кампања, но и за време на самиот изборен ден во средата. Ваквиот фалсификат и поткуп на гласови направен од СДСМ и Зоран Заев е последица на нервозата и сознанието дека народот не ги поддржува повеќе и ја немаат поддршката на народот. Народот не ги сака затоа што не испорачаа резултати, а донесоа криминал, корупција и неправди. Сето ова фрла темна дамка врз изборите кои се оддржаа во средата а Државната Изборна Комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификувањ на изборите, односно волјата на граѓаните – порача Арсовски.

Тој потсети дека дополнително во јавноста предизвика забуна што на официјалниот веб сајт на ДИК стоеја податоци кои не кореспондираа со записниците направени од избирачките одбори, но и во однос на евиденцијата на партијата.

– Исто така имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, а воедно ќе напоменам дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно водеа кампања да се прешкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставуваа дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја. Затоа ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња. Потребно е во овие моменти да се заштити волјата на граѓаните. Да се штити демократијата во Република Македонија. Институциите им го должат ова на граѓаните и затоа мора да го реализираат. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму останува најголем партнер на граѓаните кој ќе ја штити нивната волја и права – рече Арсовски.