Арсовски: Заев лажеше дека ќе се спротивстави на непотизмот, а се јавуваат нови случаи и во здравството

Премиерот Зоран Заев ја лажеше целокупната јавност дека ќе се спротивстави на непотизмот којшто ја зафати изминатите месеци власта, но оваа појава не само што не прекина, туку и продолжи да се шири, рече во четвртокот на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Најновите информации кои стигнаа до нас говорат дека и во здравството има вработувања по принципот на Мира Дизел вработувања. Пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска од Струмица, својата ќерка Марија Кузмановска пред извесно време ја вработила на Клиниката за гинекологија во Скопје и тоа со дискреционо право на директори и министри. Интригантно е што ќерката на Кузмановска е општ доктор и е вработена во ГАК, а на Гинекологија сите знаат дека и се потребни специјалисти гинеколози од кои има недостиг. Замислете, општ лекар од Струмица се вработува на Гинекологија во Скопје каде што се потребни специјалисти гинеколози“, истакна Арсовски.

Додаде дека на актуелната власт воопшто не ѝ е важно ниту здравството, ниту, пак сузбивањето на непотизмот, туку во прв ред заинтересирани се само за вработувањата на своите роднини и доделувањето тендери во здравството. Истовремено, предупреди Арсовски, секојдневно младите лекари и други здравствени работници се иселуваат од земјата.

Ја повикуваме антикорупциската комисија да го испита и овој случај на непотизам. Додека пак Катерина Кузмановска има морална одговорност веднаш да и се извини на јавноста и да си даде оставка. Не само што не прекинаа со вработување на нивните најблиски СДСМ, туку и продолжија нови да вработуваат, лажејќи го народот во очи, само да ги гласа на изборите. Епа почитувани, господа од СДСМ Ви дојде крајот. Во недела волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена и ќе ве поразат граѓаните исто како што ве поразија и во првиот круг од претседателските избори. Ве повикувам сите граѓани во недела масовно да го дадете својот глас против непотизмот, против оваа ненародна и криминална власт и против Стево Пендаровски кандидатот на СДСМ. Иден претседател на Република Македонија е професорката Сиљановска која што се бори за право и правдана наспроти СДСМ кои што се борат единствено за личен интерес, за вработувања на своите најблиски и за криминалните тендери, рече Арсовски.