Арсовски: Заев се заканува дека ќе брка луѓе од работа

Владејачката СДСМ откако ја загуби поддршката на првиот круг од претседателските избори, родолжува да врши жестоки притисоци и да им се заканува на вработените во јавната администрација, предупреди во четвртокот на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Скопјани им свртеа грб на Зоран Заев и Стево Пендаровски. Скопје му даде црвен картон и на неработникот Петре Шилегов за криминалното водење на градот и лагите за чист воздух. На изборите СДСМ со нивниот кандидат освои 55 000 гласа помалку во однос на локалните избори кој што беа само пред година дена. Зоран Заев знае дека скопјани веќе се определија опозициски и својата поддршка ја дадоа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова“, рече Арсовски .

Информираше дека премиерот Зоран Заев преку истакнати функционери и директори на јавни претпријатија од неговата СДСМ во Град Скопје во моментов испраќа закани до службениците во јавната администрација дека ќе ги брка од работа.

„ Според информациите кои стигнаа до нас од загрижени вработени во администрацијата на Град Скопје, раководни лица од градот повикувале вработени кои не се членови на СДСМ и им упатувале закани да не се вклучуваат во кампањата и надвор од работно време како што е и впрочем дозволено, а потоа се заканувале и да не излегуваат на гласање на денот на избори односно 5-ти мај односно вториот круг. Доколку го прават едното или другото пораката била јасна ќе бидат избркани од работното место каде што работат со години и децении“, истакна Арсовски

Како што додаде портпаролот на опозициската партија, ваквите состаноци се држени со претходно предупредување, вработените да ги остават мобилните телефони надвор од канцеларијата на функционерот во град Скопје кој што ги повикувал да им го соопшти истото. Според него ова е тежок криминал и овој криминал ќе се докаже и ќе биде санкциониран откако правдата ќе се врати во Македонија и откако ќе профункционира правната држава. Порди тоа, Арсовски упати порака и до функционерите на СДСМ:

„Ви дојде крајот. Граѓаните повеќе не ви се плашат. Ниту една закана со отказ на работното место нема да ја смени вољата на граѓаните која што беше јасно изразена во првиот круг од изборите. Граѓаните знаат дека зад параванот за гласање никој не може да знае дали го заокружиле името на идниот претседател проф. д-р Гордана Силјановска Давкова. Затоа сакаме да ги предупредиме извршителите на сценариото на Заев и Шилегов дека доаѓа денот кога ќе одговараат пред надлежните институции за овој криминал кој што го прават… За крај верувајте дека проф. Силјановска ќе победи и никој нема ниту со уцени, закани и притисоци да ја смени волјата на граѓаните, потенцираше Арсовски.