Јас без јавност (новинари) не влегувам, порача Божиновски пред да влезе во судница со Заев

Тензично е утрово во Кривичниот суд во Скопје, каде во тек е судењето на новинарот Зоран Божиновски, кого премиерот Зоран Заев го тужи за клевета.

Откако на претходното рочиште судијката го одобри предлогот на одбраната Заев да се појави како сведок, денеска тој се појави во малата судница, но нејзините врати останаа затворени за јавноста. Судијката не дозволи новинарите да присуствуваат на неговото излагање, поради здравствените протоколи.

На ова бурно реагираше обвинетиот Божиновски, кој ја напушти судницата, барајќи јавноста и медиумите да бидат дел од денешното рочиште.

-Јас без јавност не влегувам!, порача тој и остана во ходникот заедно со новинарите, додека обезбедувањето на премиерот ја чува вратата од судницата.

Божиновски во последните неколку дена објави дека поседува аудоматеријали од премиерот, снимка подолга од два часа, снимена во 2016 година.

Тужбата за клевета на Заев против Божиновски е за фејсбук-статус во кој новинарот открива наводен рекет од 60 милиона евра кој го зеле тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев и самиот Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.