12.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Асанж ја продолжува правната битка против екстрадиција во САД

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж ја продолжува својата правна битка против екстрадицијата во САД, одложена од пандемија на коронавирус, денеска пред лондонскиот суд.

Поддржувачите гледаат на Асанж како поборник за слобода на говорот кој ја откри американската злоупотреба на моќта.

Неговите критичари велат дека објавувајќи доверливи документи, тој несовесно ги загрозил животите на разузнавачките извори во Ирак, Иран и Авганистан.

Тој е на удар на критиките затоа што Викиликс објави неколку илјади хакирани електронски пораки поврзани со кампањата на Хилари Клинтон, неколку недели пред изборите во 2016 година.

Тој ги негира обвинувањата на американските обвинители дека Викиликс ги добил документите од руски хакери. Ова прашање не е дел од правниот процес.

Асанж се најде на светските насловни во 2010 година кога Викиликс објави американско воено видео од нападот со хеликоптер Апачи од 2007 година во Багдад, во кој загинаа десетина луѓе, вклучувајќи и двајца вработени во Ројтерс.

Неговиот правен тим во Лондон тврди дека американските обвинувања против него се политички мотивирани и претставуваат закана за слободата на медиумите.

Тие велат дека тој би можел да изврши самоубиство ако биде испорачан во САД, каде што би можел да помине децении во затвор.

Британски суд во март го отфрли барањето за кауција, наведувајќи во пресудата дека е многу веројатно дека Асанж ќе го избегне процесот на екстрадиција во САД доколку биде ослободен.

Неговата партнерка Стела Морис оваа година откри дека е во врска со Асанж од 2015 година и дека имаат две деца, тригодишниот Габриел и едногодишниот Макс.

Морис рече дека го запознала Асанж уште во 2011 година кога работела како приправник и тој живеел во еквадорската амбасада. Тој помина седум години таму.

Асанж беше уапсен во април 2019 година, бидејќи не се предаде на барање за екстрадиција во Шведска, поради случај во кој беше обвинет за сексуален напад, но тој случај подоцна беше отфрлен.