АСО ослободи 30 милиони евра ликвидни средства

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ослободи 30 милиони евра ликвидни сретства со цел друштвата за осигурување да можат да ги употребат за тековно работење во услови на вонредна состојба, кога се соочуваат со намалување на продажбата на осигурителни полиси.

Со ослободување на 10 отсто од резервите, друштвата добиваат во денари  1.8 милијарди денари ликвидни сретства чија цел е да се зајакне поддршката на друштвата во сегментот на менаџирањето со негативните последици од појавата на корона вирусот (COVID 19).

Во исто време АСО дозволи  исправка на побарувањата за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на очекувана намалена наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување.

„Со цел заштита на правата и интересите на осигурениците и квалитетно обработување на штетите во услови на работа во вонредна состојба и флексибилно работно уредување на друштвата за осигурување, АСО утврди дополнителен рок за обработка на штетите и тоа најдоцна во рок од 5 работни дена од денот на прием на барањето за надомест на штета. По решавање на штетата, друштвото е должно писмено да го извести подносителот на отштетното побарување за решената штета, при тоа наведувајќи: износ на надомест на штетата, можноста и рокот за доставување претставка и рокот за исплата на штетата кој не смее да биде подолг од 14 дена од денот на ликвидација на штетата“, велат од АСО.

Со цел обезбедување на стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците АСО донесе одлука, и покрај забавена ликвидација и  пријава на штети во настанатата вонредна состојба, истата да не влијае врз проценките на техничките резерви.