Асоцијација за рударство: Да се стопираат измените на Законот за минерални суровини

Ниту едно од укажувањата, предлозите и од забелешките на Македонската асоцијација на рударството не се вклучени во предложениот текст на Законот, кој е предвиден да се разгледува по скратена постапка во Собранието на РСМ, соопштија од Асоцијацијата.

МАР бара да се стопира постапката за донесување бидејќи измените се нејасните и непрецизни и оставаат простор за субјективно и за арбитрарно постапување на надлежните државни органи, за компаниите кои работат во овој сектор создава правна несигурност и неповолна клима за инвестирање.

„МАР укажува дека Законот за минерални суровини е комплексен закон, за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување по скратена постапка со еднострани измени предложени од надлежното министерство. Законски одредби кои создаваат правна несигурност и изготвување законски прописи без вклучување на сите засегнати страни е спротивно на начелата за транспарентност и за инклузивност. Нејасните и непрецизни одредби од предложениот текст на Законот, кои оставаат простор за субјективно и за арбитрарно постапување на надлежните државни органи, за компаниите кои работат во овој сектор создава правна несигурност и неповолна клима за инвестирање“, стои во соопштението.

Асоцијацијата смета дека поради комплексноста на предвидените измени и можните ефекти врз работењето на компаниите,треба да се стопира натамошната постапка на усвојување на овој предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и истиот да биде повлечен, како и да биде формирана работна група, во која покрај претставници на надлежното министерство, ќе бидат вклучени и претставници на МАР, на научната и на стручната јавност, како и на невладините организации, кои заеднички, низ процес на консултации, ќе работат на изготвување на законските одредби.

Оттаму велат дека изминатите месеци реагирале во однос на текстот за предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини реализирале и работни средби со надлежните државни органи и поднесени конкретни предлози за измени/дополнувања во текстот на Законот.