Асоцијацијата на земјоделците е против зголемувањето на цената на лебот до јануари догодина

Асоцијацијата на земјоделци на Македонија не се согласува и остро реагира на најавата за зголемување на цената на лебот и на белите печива.

Како што вели претседателот на Асоцијацијата, Перо Стојкоски нереално е барањето на мелничарите да се зголеми цената на лебот при откупена пченица по 10,5 денари за килограм и со домашни потреби доволни до крајот на годинава.

– Остро ќе се спротивставиме зашто до крајот на јануари наредната година, за потребите имаме домашна пченица од 26 милиони килограми, откупена по 10, 5 денари за да се заштити домашниот стандард. Пченицата речиси 80 отсто е веќе откупена по цена од 10, 5 денари за килограм. Верувам дека е и исплатена, но, уште при откупот реагиравме дека цената на пченицата е ниска. Но, таа наша реакција не беше прифатена со објаснување дека имаме евтин и квалитетен леб. Имајќи предвид дека и ние сакаме да имаме евтин леб, ја прифативме таа цена од 10,5 денари за килограм. Откупот на пченицата заврши, сега веќе имаме најава за зголемување на цената на брашното, на лебот и на белите печива, но и за зголемување на цената на откупот на пченицата. Но прашуваме која пченица, која е веќе откупена. Во земјава немаме потреба за увоз на пченица до крајот на јануари наредната година. Дотогаш имаме наша пченица откупена по 10,5 денари и дотогаш не треба да се зголемува цената на лебот – вели Стојкоски.

Тој додава дека цената на лебот не треба да се зголеми до крајот на јануари следната година.

– Дотогаш најостро реагираме да нема зголемување на цената на лебот и на белите печива, зашто, нашата пченица е откупена по 10,5 денари и имаме пченица до крајот на јануари 2022 година. Потоа, може да се зголеми цената на лебот и на белите печива, на што инсистираат мелничарите, за онолку колку самите мелничари ќе ја преземат. Ако тие имаа намера во меѓувреме да ја зголемуваат цената на лебот, тогаш зошто не натераа да ја прифатиме оваа откупна цена од 10, 5 денари за килограм. Ако предвреме сакаат повисоки, цени, тогаш ние ќе побараме дополнително на 10,5 денари да ни се доплатат уште 5 денари. Но имајќи го предвид стандардот во земјава, се согласивме на оваа откупна цена. Во земјава се засејуваат 74 000 хектари, во просек по 3 тона од хектар, имаме 260 милиони килограми пченица. За да ги задоволиме потребите, ни се потребни околу 450 милиони килограми пченица – вели Стојкоски нагласувајќи дека се подготвени да им ги изнесат аргументите на мелничарите.