АСОМ до пратениците од Комисијата за европски прашања: Отфрлете го Законот за игри на среќа!

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) жестоко реагираше на одлуката на Владата, Законот за игри на среќа да го донесе со европско знаменце и без дебата, наместо преку матичната комисија за финансирање и буџет каде обично се носат ваквите закони. Од АСОМ ги повикаа пратениците од Комисијата каде ДУИ и СДСМ имаат мнозинство да го отфрлат овој закон и да го вратат во редовна постапка бидејќи нема ниеден основ тој да се разгледува таму, туку единствена цел е да се изгласа без дебата  и да помине на брза лента.

„Ги повикуваме пратениците од Комисијата за европски прашања: Арбер Адеми, Арта Билали-Зендели, Моника Зајкова, Зеќир Рамчиловиќ, Снежана Калеска-Ванчева, Фаница Николоска, Лолита Ристова, Жаклина Пешевска, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Антонијо Милошоски, Миле Лефков, Мерита Колчи-Коџаџику, Халил Снопче, да не гласаат за измените на Законот за игри на среќа и да ги отфрлат!“, се наведува во соопштението на Асоцијацијата.

Од АСОМ им порачаа на пратениците од Кмисијата дека не смеат да бидат заложници на нечии интереси и агенди туку заштитници на народот.

„Немојте да бидете заложници за нечии скриени интереси и во име на европскиот пат на земјата немојте да изгласате неевропски закон! Нема ниеден основ по кој овој закон треба да биде во таа комисија, освен заради брзо гласање и мнозинство за истиот да помине. Јавно ве покануваме да се изјасните против европско знаменце. Постојат правни докази со кои може да се констатира дека европското знаменце се злоупотребува од потписниците на оваа изјава. Имено, предлог законот не го прати коресподентна табела во која јасно и на недвосмислен начин ќе се види кој дел од наведената директива во кој член од предлог законот е транспонирана, односно пренесена. Посочуваме дека на овој факт особено внимание треба да обрнат членовите на Комисијата за европски прашања при Собранието. Предупредуваме дека праксата на усогласување на законите со правото на ЕУ не повлекува само давање на изјава туку и подготовка на коресподентна табела за пренесување на одредбите од ЕУ директивите во законите кај нас“, појаснуваат од АСОМ.

Против носење на овој закон со европско знаменце веќе реагираа и неколку европски дипломати во земјава, вклучително и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој порача дека дебата мора да има и дека не смее да се злоупотребува европското знаменце за избегнување на расправа по однос на важни закони. Вчера на истата тема се огласи и амбасадорот на Австрија, кој ѝ порача на Владата дека со ставање на законот со европско знаменце го крши Уставот и дека треба да го врати во редовна постапка. Со истиот став се и останатите организации и здруженија на игри на среќа „Сакам да работам“ и АПИС кои деновиве го критикуваа законот и постапката во која Владата сака да го донесе.