АСОМ: Од индустријата на игри на среќа во буџетите лани се слеале 253 милиони евра

Анкета на Асоцијацијата на спортски обложувалници, АСОМ, покажала дека македонските граѓани најчесто се обложуваат на 200 денари, а во обложувалница најмногу влегуваат за забава и за дружење и активно да следење на спортските натпревари. Во државните и во општинските буџети лани од индустријата на игри на среќа се слеале 253 милиони евра. Во оваа индустрија директно се вработени 7.700 лица, лани во однос на претходната година се остварени за 40 проценти повеќе вработувања, а просечната плата на операторите достигнува до 17.500 денари.

„Ако се забранат спортските обложувалници на 500 метри  од образовна институција, како што се предвидува со измените на Законот за игри на среќа кои се во процедура, сите ќе мора да се затворат“, посочуваат од АСОМ. Нивните анализи преку „Гугл срч“ покажале дека мрежата на образовни институции во градовите е толку густа, што не постои можност да се запази оддалеченост од половина километар.

Од АСОМ тврдат дека обложувалниците строго внимаваат да не дозволат кај нив да играат малолетници, дури велат дека за да го спречат тоа го користат и обезбедувањето ако малолетниците се агресивни. Но, додаваат дека не можат да спречат во обложувалниците да влегуваат родители со мали дечиња.

-Планираме следната година преку организирање на различни активности да водиме кампања за едукација на играчите. Но, исто така сметаме дека кога ќе се затекнат малолетници, освен обложувалниците, казни да плаќаат и нивните родители“, вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ, на брифингот со новинарите.

Од Асоцијацијата најавуваат дека организирано ќе делуваат при носењето на регулатива што ги засега обложувалниците. Тие не се задоволни од тоа што со измените на Законот за личен доход за обложувалниците се задржува стапката на персонален данок од 15 проценти.

-Двојно сме оданочени. Оние кои добиваат плаќаат персонален данок од 15 проценти, а плаќаат и оние кои не добиваат, преку давачката од 23 проценти на разликата меѓу уплатените и исплатените средства. Само кај нас се плаќа данок на загуба. Персоналецот кој од оваа година е зголемен од 10 на 15 проценти и нема да се намали е причина играчите да се префрлат на он-лајн игрите на среќа на кои не се плаќа ништо, а кај нас се забранети“, појаснува Горан Павиќевиќ од „Спорт лајф“ и вели дека ваков данок на добивките нема во развиените европски земји.

Се смета дека персоналецот за кој се плаќаат три пати повеќе пари отколку за давачката од 23 проценти ќе биде причина за зголемување на бројот на нелегални обложувалници, кои сега ги има едвај дваесетина и се лоцирани во неурбани средини.