Џастин Трудо победи на изборите во Канада

Канадскиот премиер Џастин Трудо останува на власт откако во понеделникот победи на изборите и неговиот главен противник го призна поразот, но неговите Либерали не успеаја да постигнат мнозинска победа.

Трудо, кој е на власт од 2015 година, а од 2019 година предводеше малцинска влада во парламентот, се одлучи на предвремени избори во обид да капитализира од управувањето со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, што вклучуваше голема финансиска поддршка за поединци и бизнис заедницата и висок процент на вакцинираното население.

Наместо тоа, истакнува Ројтерс во првите проценки, ќе заврши онаму каде што започна по неочекувано тесната трка која се карактеризира со бледа кампања и гнев поради свикување избори за време на пандемија.

Ерин О’Тул, лидер на најголемата опозициска партија во Канада, Конзервативната партија, го призна поразот доцна во ноќта, откако не успеа да ги спречи либералите на премиерот Трудо да освојат трет мандат.

Обраќајќи им се на поддржувачите во својата изборна единица во Торонто, О’Тул рече дека го повикал Трудо да му честита. ТВ мрежите предвидуваат дека либералите освоија малцинска влада.

Според досегашните резултати, конзервативците имале 121 од 338 места во парламентот, додека либералите имале 157 места.

Околу 27 милиони Канаѓани со право на глас гласаат за 338 пратеници на Долниот дом и на партијата ѝ се потребни 170 места за да има мнозинство.

Ако ниту една од двете партии кои од 1867 година се менуваат на власт не освои мнозинство во парламентот, победникот ќе формира малцинска влада.

За тоа, ќе мора да преговараа со помалите партии како што е Новата демократска партија (НПД, левица), на Џагмит Синг, која на анкетите добивала 20 проценти од гласовите, или Квебечкиот блок, сепаратистичка партија предводена од Ив-Франсоа Бланшет, која повторно доби сила при крајот на кампањата по контроверзиите за местото на Квебек во Канадската конфедерација.

Тука се и Зелените на Анами Пол, чија порака за итноста за справување со климатското прашање тешко допирала до гласачите поради неединството и падот на угледот на партијата.