„AstraZeneca“ мора на ЕУ до крајот на септември да ѝ испорача 50 милиони дози од вакцината

EPA/DRAGO PRVULOVIC SWEDEN OUT

Англо-шведската фармацевтска корпорација „AstraZeneca“, којашто беше тужена од Европската унија пред белгиските судови поради доцнењето на дозите од вакцините против короанвирусот, е задолжена на Унијата да ѝ испорача до крајот на септември 50 милиони дози, што сепак е помало количество од она кое го бараше Брисел и може да се испорача низ подолг временски период.

Компанијата ја поздрави оваа одлука на судот, наведувајќи дека таа во многу ќе го натфрли она што се бара од неа. Европската комисија, пак, изрази задоволство што судот потврдил дека „AstraZeneca“ не ги почитувала своите договорени обврски.

Европската комисија ја тужеше фармацевстската компанија на 26-ти април поради непочитување на обврските од договорот потпишан кон крајот на август 2020 година. Со договорот „AstraZeneca“ се обврзала дека до крајот на јуни на ЕУ ќе ѝ испорача 300 милиони докази од вакцината, но поради проблемите во производството повеќекратно потфрли во исполнувањето на договорот.

Во првото тримесечје од годинава компанијата испроачала само 30 милиони дози од 120-те милиони колку што требаше, наведоа од ЕУ. Поради тоа Унијата бараше до крајот на јуни да ѝ бидат испорачани преостанатите 90 милиони дози од вакцината. Меѓутоа, на крајот судот одреди дека „AstraZeneca“ мора да испорача 50 милиони дози до 27-ми септември, и тоа во три транши: до 26-ти јули 15 милиони дози, до 23-ти август 20 милиони и до 27-ми септември 15 милион дози.

Во „AstraZeneca“ се задоволни, бидејќи судот одредил дека компанијата вкупно мора до 27-ми септември да испорача само 80,2 милиони дози, а тие веќе испорачале повеќе од 70 милиони дози.

„AstraZeneca ја поздравува првостепената одлука на судот во Брисел. Европската комисија бараше 120 милиони дози кумулативно до крајот на јуни 2021-ва и вкупно 300 милони дози до 27-ми септември 2021 година. Судијата наложи испорака на вкупно 80,2 милиони дози до 27-ми септември. Компанијата досега испорача повеќе од 70 милиони дози и до крајот на јуни ќе ја надмина бројката од 80,2 милиони дози“, се вели во соопштението на англо-шведската корпорација.

Но претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека одлуката на судот во Брисел донесена во петокот го поддржува ставот на ЕУ дека „AstraZeneca“ не ги исполнила своите договорени обврски. Судиите донеле одлуката дека компанијата сторила „сериозно кршење“ на своите договорени обврски кон ЕУ, оцени.

„Оваа одлука го потврдува ставот на Европската комисија. AstraZeneca не ги исполнува своите обврски кои ги презема со договорот“, изјави фон дер Лејен.

Судот заклучил дека „AstraZeneca“ не ги вложила сите можни напори за да го испорача договореното количество вакцини, вклучително и од погоните во Велика Британија, што било изрично споменато во договорот и поради што дошло до значитело кршење во испораките кон ЕУ.

Велика Британија, инаку, на почетокот од имунизацијата постави препреки за извозот на вакцините за коронавирусот произведен на нејзината територија додека не бидат задоволени домашните потреби. Но своевремено имаше обвинувања и дека „AstraZeneca“, која се жалеше на проблеми во производството во погони во Белгија и Холандија, во Британија испорачува вакцини од други постројки во ЕУ.

Судот во Брисел во петокот не ги прифатил барањата на Европската унија дека таа има предност при испоракта на вакцинтие пред другите.
.