„АстраЗенека“ со нов удар за ЕУ, ќе испорача помалку од половината договорени дози

„АстраЗенека“ очекува да испорача помалку од половина од вакцините за Ковид-19 за кои беше склучен договор за снабдување на Европската унија во вториот квартал, изјави официјален претставник на ЕУ за Ројтерс во вторникот.

Очекуваниот недостаток, кој претходно не бил пријавуван, доаѓа по големото намалување на залихите во првиот квартал и може да ја погоди способноста на ЕУ да ја исполни целта за вакцинирање 70% од возрасните до летото.

Официјалниот претставник на ЕУ, кој е директно вклучен во разговорите со англо-шведскиот производител на лекови, рече дека компанијата му соопштила на блокот за време на внатрешните состаноци дека „ќе испорача помалку од 90 милиони дози во вториот квартал“.

Официјалниот претставник на ЕУ, кој зборуваше за Ројтерс под услов да остане анонимен, потврди дека „АстраЗенека“ планира да испорача околу 40 милиони дози во првиот квартал, што е помалку од половина од 90 милиони дози што требаше да ги испорача.

„АстраЗенека“ ја предупреди ЕУ во јануари дека нема да ги оствари своите обврски во првиот квартал заради проблеми со производството. Исто така требаше да испорача 30 милиони дози во последниот квартал на 2020 година, но минатата година не обезбеди ниедна доза бидејќи нејзината вакцина допрва требаше да биде одобрена од ЕУ.

Вкупното снабдување на „АстраЗенека“ на ЕУ може да биде околу 130 милиони дози до крајот на јуни, далеку под 300 милиони што се обврза да ги достави до блокот.

ЕУ исто така се соочи со доцнења во испораката на вакцината развиена од „Фајзер“ и „БиоНТех“, како и од „Модерна“. Досега тие се единствените вакцини одобрени за употреба од регулаторот на лекови за ЕУ.