Аталанта сигурна против Наполи, Несторовски ја закопа Рома

Rome, 2 July 2020. ANSA/CLAUDIO PERI

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски беше стрелец на погодокот со кој неговиот Удинезе ја потврди победата над Рома извојувна на римски „Олимпико“.

Првиот погодок во Рим го постигна Кевин Лазања во 13 минута, а „Волчицата“ во 29 минута остана со играч помалку, откако поради опасен старт беше исклучен Пероти. Победата на клубот од Удине ја завери Несторовски во 79 минута, откако влезе во игра во 65 минута на местото на Окака. За Несторовски ова е втор погодок сезонава, а првиот го постигна против Сампдорија во ноември.

Удинезе со трите бода се оддалечи од зоната на испаѓање, и сега е 14-ти со 31 бод, колку што имаат и 13-та Фиорентина и 15-от Торино, додека Рома остана петта со 48 бодови.

Аталанта која годинава беше едно од најголемите изненадувања во Лигата на шампионите во своето деби во елитното европско натпреварување се чини во четвртокот направи уште еден чекор кон потврдата на одличната сезона.

Тимот од Бергамо во рамките на 29-то коло на италијанското првенство на својот терен со 2:0 го совлада Наполи. Аталанта поведе во 47 минута со голот на Марио Пашалиќ кој непречен од никого од пет метри ја испрати топката во празната мрежа по нафрлување на Гомез. На 2:0 зголеми Робен Госенс.

Аталанта и натаму е на четвртото место, последното кое води во Лигата на шампионите, сега со 60 бодови, четири помалку од третопласнираниот Интер. Наполи остана шести со 45 бодови.