Атанасов: Намалувањето на невработеноста останува врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ

Главен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше и останува намалувањето на невработеноста, велат од партијата.Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Владимир Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа насока изминатите десет години се спроведоа голем број на реформи, мерки и проекти со кои успеаваме да ја намалиме невработеноста од високите 38 % во време на СДСМ, на најниско ниво досега од 23,4 %.

ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години отвори над 160.000 нови работни места.

Овие резултати беа постигнати во услови на светска криза, европската должничка криза и домашната вештачки наметната политичка криза од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ нема да застане тука. Намалувањето на невработеноста останува врвен приоритет и во иднина.

Во таа насока Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2017-та година, преку кој заедно со Македонија вработува 2 е предвидено да се отворат околу 10 илјади нови работни места.

За спроведување на овој Оперативен план се предвидени 14 милиони и 200 илјади евра, или 2,6 милиони евра повеќе од претходната година.

Овој оперативен план опфаќа голем спектар на можности, како што се програмата за самовработување, обуките, грантовите, поддршката за брзорастечките компании, нови работни места во микро и макро претпријатијата, практикантството и низа други инструменти со кои ќе се отворат нови работни места.

Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа имаат пристап до сите овие услуги, програми и мерките за вработување.

Во изминатиот период, односно од 2007 до 2016 година, успешно се спроведуваа годишните оперативни планови, при што повеќе од 100.000 невработени лица земаа учество, а од нив 43.400 се вработија и сеуште се во работен однос.

Овој оперативен план значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која се предвидува наредната година да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти.

Донесувањето и спроведувањето на овој Оперативен план претставува исполнување на уште едно наше ветување кое е содржано и во нашата изборна програма.

ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи посветено и континуирано да работи на намалување на невработеноста и отворање на нови работни места. Ова претставува вистинска грижа за граѓаните и нивните потреби.