Атанасов: УКИМ заслужува едно друго ниво, мора да покажеме дека произведуваме иднина, а не дека ги трошиме државните пари

Проф. д-р Петар Атанасов, кандидат за ректор на УКИМ и професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, во вечерашното гостување на “Отворено студио” на 24 телевизија ги презентираше првите чекори кои ќе ги преземе доколку биде избран за нов, иден ректор на најстариот државен универзитет.

“Првата работа со која би се зафатил, а која првпат ја споменувам јавно, е дека ќе ги соберам деканите на факултетите и директорите на институтите во два викенда за прво да се изнаразговараме кои се нашите стратешки приоритети, на кој факултет што му е потребно, на која група науки кои им се приоритетите, што е горливо, што фали? Едно добро летно советување од кое ќе излезе еден документ во кој ќе ги прецизираме најважните приоритети за наредните 12 месеци.

Потоа, со мојот тим ќе продуцирам еден документ што ваков универзитет го заслужува, една образовна повелба, еден свечен документ во кој на две страници ќе бидат наведени петте главни приоротети во следните 12 месеци и петте најголеми проекти на УКИМ. УКИМ заслужува едно друго ниво, ни се случија многу лоши работи изминатите месеци, претходно со години паѓаше рејтингот на универзитетот и сега се наоѓа во слободен пад. Ние првин мора достоинството сами да го подигнеме, да ги мотивираме професорите и да кажеме ние произведуваме иднина, не ги трошиме државните пари, ние произведуваме нешто што треба да биде столб на општеството” – истакна Атанасов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.