Атина: Договор за Турски тек во јуни и покрај противењето на САД

Кризата во Македонија е стимулирана однадвор и е поврзана со конструкцијата на гасоводот Турски тек. Оваа изјава на рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, дадена за руската агенција „Интерфакс“, грчките медиуми ја пренесуваат со коментар дека ваквата состојба може да повлече многу сценарија и во Грција.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, во грчката јавност и натаму со голем интерес се следи развојот на настаните во Македонија, особено поради фактот што официјална Атина најави потпишување на договорот за Турски тек кон крајот на јуни.

„Јасно е дека Вашингтон не дозволува гасоводот да минува низ Македонија, Бугарија и секако низ Албанија. Поради ова го сменија политичкото раководство во Албанија и Бугарија, а сега ја менуваат и владата во Македонија”, пишува грчкиот портал „Петапостагма“.

Ставот на Вашингтон за рускиот гасовод Турски тек е негативен, но позицијата на Атина по ова прашање останува непроменета, порача грчкиот министер за животна средина и енергетика Панајотис Лафазанис во интервју за руската новинска агенција Спутник. На средбите во Москва со рускиот колега Александар Новак, со заменик министерот за финансии Сергеј Сторчак и со директорот на Газпром, Алексеј Милер, Лафазанис разговарал за финансирањето на изградбата на гасоводот на грчка територија.

„Не ја исклучувам можноста договорот да биде потпишан во рамките на Економскиот форум што од 18 до 20 јуни ќе се одржи во Санкт Петербург, истакна Лафазанис нагласувајќи дека таму ќе допатува со голема делегација на грчки министри предводени од премиерот Алексис Ципрас и дека ова ќе биде прв пат Грција да биде претставувана од толку бројна група на високи претставници.

Проценките се дека изградбата на Турски тек ќе отвори околу 20.000 работни места во земјата, а Лафазанис најави и дека Грција најверојатно ќе ја прифати понудата на Русија да стане дел од БРИКС банката.