Атина ќе се обиде да постигне договор за долгот за време на Европското претседателство

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас, вчера изрази уверување дека Атина ќе постигне договор со доверителите во врска со две нерешени спорни прашања во рамките на следните шест месеци, кога Грција е актуелен претседавач со ЕУ, пишува весникот Катимерини.

Меѓу Атина и меѓународните кредитори остануваат несогласувања во врска со тоа како да биде покриен финансискиот недостиг од 14 милијарди евра во следните две години, како и во врска со барањата на Грција за отпишување на долгот.

За време на вчерашната прес-конференција министерот истакнал дека разговорите за евентуално олеснување на грчкиот долг може да започнат во април, кога се очекува Евростат да ги потврди прогнозите за примарниот суфицит на Грција за 2013 година.

Министерот додал дека напорите за спроведување на економски реформи во 2013 година имале подобар ефект од очекуваното, а рефлексијата од рецесијата беше ублажена.