Атланта и Њу Орлеанс се изборија за последна шанса за место во плејофот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Атлатна Хокс и Њу Орлеанс Пеликанс ја искористија предноста на домашниот терен и забележаа победи во дуелите против Шарлот Хорнетс и Сан Антонио Спарс со што се изборија за последна шанса за влез во плејоф разигрувањето во НБА лигата.

Имено „јастребите“ беа подобри од Хорнетс со 132-103 во средба во која клучната разлика беше направена во третиот период кој го добија со 42-24 со што отидоа на плус 26, предност која повеќе од доволна за да се нокаутира противникот.

Шест играчи беа двоцифрени, Капела (15 поени и 17 скокови) и Јанг (24 поени и 11 асистенции) имаа дабл-дабл учиноци, Хантер уфрли 22 кошеви, додека Богдановиќ од клупата беше автор на 13 поени. Кај поразите кои со ова ја завршуваат кампањата се истакна Бол со 26 кошеви.

Сега за Атланта следи меч со Кливленд, победникот ќе ја освои осмата позиција на Истокот која носи пресметка во плејофот со Мајами.

МекКалум, Играм и Валанчиунас со искомбинирани 81 поен му помогнаа на Њу Орлеанс да го добие Сан Антонио со 113-103. Со ова „пеликаните“ закажаа плејин дуел со ЛА Клиперс со која ќе се одлучи кој ќе ја продолжи сезонава, ќе го добие осмото место во западната конференција кое води на мегдан со Феникс Санс.