Атлетико ја зголемува разликата во Примера

115

Во одложениот натпревар од првото коло на шпанското фудбалско првенство во вторникот вечерта Атлетикот Мадрид на својот терен со 2:0 ја совлада Севилја.

Мечот меѓу Атлетико и Севилја требаше да се одигра кон средината на септември, но поради епидемиолошката ситуација беше одложен, а подоцна префрлен за јануари.

Победата за домашните ја донесоа Анхел Кореа со одличниот погодок од свртување во 17 и Саул Њигуез во 76 минута. Ова беше петтата последователна првенствена победа на Атлетико, додека Севилја, која на овој меч не искористи неколку одлични шанси, го впиша првиот пораз во последните десет натпревари. Последен пат тимот од Андалузија беше поразен од Реал Мадрид на 5-ти декември.

Атлетикот сега има 41 бод, четири повеќе од второпласираниот Реал и седум пред третата Барселона, кои имаат по два натпревара повеќе. Севилја има одиграно 17 натпревари и со 30 бодови е на шестото место.

 

Во вториот синоќешен натпревар, одложен од четвртото коло, Гранада ја победи Осасуна со 2:0, со голот на Луис Суарез во 22 и автоголот на Серхио Херера Пирон во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме.

Гранада моментално е седма на табелата со 27 бодови, а Осасуна е претпоследна 19-та со 15 бодови, три помалку од местата кои гарантираат опстанок во Примера.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.