Атлетико го елиминираше европскиот првак, ПСЖ конечно го мина осминафиналето

По најголемите изненадувања и дебитанти од елиминациската фаза во Лигата на шампионите, Аталанта и РБ Лајпциг, пласман во четвртфиналето од најелитното фудбалско натпреварување во Европа изборија и Атлетико Мадрид и ПСЖ, кои во средата триумифраа над Ливепрул односно Борусија Дортмунд.

Атлетико Мадрид на „Енфилд“ славеше против актуелниот европски шампион Ливерпул по продолженијата со 3:2, со што ја потврди победата од 1:0 од првиот дуел.

Ливерпул во регуларните 90 минута победи со 1:0, со што го израмни заостанувањето од Мадрид, а во динамичното дополнително време беа постигнати уште четири погодоци, по што славеше Атлетико. Херој на мечот беше Марко Љоренте кој постигна два гола за „Јорганџиите“, во 97 и 105 минута, а меѓу стрелците се впиша и Алваро Мората во првата минута од судиското продолжение на второто продолжение, односно по 120 минути игра. „Редсите“ двапати беа во водство, преку Георгино Вијналдум во 43 и Фирмињо во 94 минута.

Ливерпул се прости од одбраната на титулата во меч во кој упати дури 35 удари кон противничкиот гол, од кои 15 беа во рамките. Домашните уште двапати ја затресоа стативата, но тоа не беше доволно против инспирараниот Атлетико, кој ги казни сите грешки на англискиот тим.

Атлетико уште во првата минута го замолчи „Енфилд“, кога Жоао Феликс одлично го проигра Дирего Коста чиј удар отиде за малку крај голот. Првата шанса Ливерпул ја имаше во 15 минута, но гостинскиот голман Јан Облак го одбрани ударот на Окслејд-Чембрлејн. Во 34 минута од работ на шеснаесетникот се закани Садио Мане, но лошо ја зафати топката. По само две минути Ливерпул имаше уште една шанса, кога Окслејд-Чембрлејн нафрли на петте метри, но Облак интервенираше пред Фирмињо. Окслејд-Чембрлејн повторно беше во центарот на вниманието и во 43 минтуа кога нафрли од десната страна, а Вијналдум со глава погоди за 1:0.

Фудбалерите на Ливерпул и во вторниот дел продолжија со притисокот. Во 53 минута Окслејд-Чембрлејн одлично шутираше, но Облак повторно беше на место. Словенечкиот голман го спаси Атлетико и во 60 минута, по ударот на Фирмињо, а во брзиот противнапад кој следеше опасно шутираше Жоао Феликс а Адријан го сопре неговиот удар. Само сантиметри недостигаа во 67 минута за Ливерпул да го удвои водството, кога Робертсон ја погоди стативата. Две минути подоцна Александер-Арнолд упати одличен удар откосо од 25 метри, но Облак и тоа го одбрани, во продолжение топката се одби до Фирмињо чиј удар Трипие го блокираше за корнер за домашните. Робертсон имаше убава можност и во 81 минута, но лошо шутираше. Во 85 минута со „ножички“ се обиде Мане, но и тоа беше уште една нереализирана шанса за Ливерпул. Во последните моменти од регуларниот дел гостите постигнаа погодок за пласман, но Саул Нигуез беше во офсајд, па мечот отиде во продолженија.

Големата доминација Ливепрул ја ефектуираше во 94 минута, а погодокот го постигна Фирмињо. Вијналдум се проби странично и нафрли во средината, Фирмињо прво шутираше со глава и ја погоди стативата, но топката повторно се одби до него и стрелаше за 2:0. Но радоста на домашните кусо траеше, само две минути подоцна Љоренте намалува на 1:2, благодарејќи на лошото исфрлување на голманот Адријан кој го погоди Феликс кој, пак, го проигра стрелецот кој го погоди самиот агол на домашниот гол. Конечниот удар Атлетико го зададе во 105 минута, а стрелец со одличен удар од работ на шеснаесетникот повторно беше Љоренте. Во последните секунди Мората само го потврди пласманот на Атлетико.

Во другиот меч вечерва, Пари Сен Жермен поради епидемијата од коронавирусот на празниот „Парк на принцовите“ ја победи Борусија Дортмунд со 2:0, анулирајќи ја негативата од 1:2 од првиот меч. Францускиот шампион победи со головите на Нејмар во 28 и Хуан Бернат во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме, а гостите во самата завршница останаа и со играч помалку по исклучувањето на Емре Чан.

Откако последните три сезони беше елиминиран во осминафиналето, лани од Манчестер Јунајтед, година претрходно од Реал Мадрид а во 2017-та од Барселона, ПСЖ конечно ја мина првата пречка во групната фаза.

Првата шанса на натпреварот се случи во 25 минута, кога Единсон Кавани изби сам пред Роман Бурки, но швајцарскиот голман на германскиот тим со нога го одбрани ударот на уругвајскиот напаѓач во редовите на францускиот првак. Само три минути подоцна ПСЖ поведе, кога Анхел ди Марија изведе одличен клорнер, а Нејмар покрај својот чуваер Хакими погоди со глава. Во финишто на првиот дел „Светците“ го удвоија водството, кога Бернат лесно ја сврти во аголот топката упатена од Сарабија.

Во вториот дел Борусија беше поактивна, но не го загрози посериозно домашниот гол. Во 73 минута покрај голот шутираше Бранд, а две минути подоцна во иста прилика беше и Емре Чан. На самиот крај од дуелот дојде до мешаница, кога Чан го собори Нејмар а потоа и го оттурна. Чан доби црвен картон, а Нејмар, Ди Марија и Маркињос добија жолти картони.

Следната седмица се играат другите реванш натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите. Во вторник 17-ти март Манчестер Сити на домашен терен ќе ја брани предноста од 2:1 од првиот меч со Реал Мадрид, додека Јувентус во Торино ќе настојува да ја анулира минималната предност од 1:0 на француски Лион. Во среда 18-ти март Баерн во Минхен со предност од 3:0 го чека Челзи, а Барселона по 1:1 во Неапол на празниот „Камп Ноу“ ќе го пречејка Наполи.