Атлетико и Барса ремизираа во дербито, бламажа на Реал

Во големото дерби од 13-то коло на шпанското фудбалско првенство Атлетико Мадрид и Барселона одиграа без победник 1:1, додека актуелниот европски шампион Реал Мадрид доживеа дебакл на гостувањето кај Еибар каде беше поразен со 0:3.

Барселона се спаси со голот на Усман Дембеле во последната минута од мечот, откако во 77 минута Диего Коста од првиот корнер по малкуте сериозни напади кон противничкиот гол го доведе во водство Атлетико. Ниту во првото, ниту во второто полувреме немаше некоја посериозна прилика, освен двата гола и се чинеше дека и двете екипи се задоволни со реми. Во второто, полувреме, во 75 минута топката во шеснаесетникот на Барса го погоди во раката Артуро Видал кој на неа тргна со глава, но беше досуден пенал, а слична ситуација имаше и во домашниот шеснаесетник две минути пред израмнувачкиот погодок, кога топката се одбиваше меѓу неколку одбранбени играчи, што остана без реакција и од гостинските играчи.

На стадионот „Упуруа“ Еибар со головите на Ескаланте во 16 , Енрих во 53 и Кике во 57 минута го совлада Реал Мадрид. Ова е прв пораз на „Кралевите“ откако ги води Сантијаго Солари кој кон крајот на октомври го замени Хулиен Лопетеги кој доживеа катастрофа од 1:5 кај Барселона.

Барселона е прва на табелата со 25 бодови, Атлетико е втор со 24, а третата Севилја има 23 бодови и со евентуална победа во недела над Ваљадолид може да се искачи на самиот врв. Реал остана на шестото место со 20 бодови, а сега му доближи Еибар кој е седми со 18 бодови.