Атлетико (М) љубоморно ја чува лидерската позиција

Како и што се очекуваше, фаворитите за шампионската титула не дозволија никакво изненадување кога се прашање саботните натпревари од 32. коло во шпанската Примера дивизион.

Актуелниот лидер на првенствената табела, тимот на Атлетико (М) забележа само минимален триумф во дуелот против секогаш незгодниот тим на Вилјареал.

Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 13 минута беше дело на резервниот напаѓач, Раул Гарсија.

Сигурен триумф од 3:1 во дуелот против гостинскиот тим на Бетис, забележа каталонскиот гигант Барселона, а нови два погодока на своето конто запиша аргентинскиот интернационалец Лионел Меси.

Најрасположени за игра беа фудбалерите на Реал (М) кои одиграа совршено во сите 90 минути и сосема заслужено со убедливи 4:0 го торпедираа домашниот тим на Реал од Сосиедад.

Победата на жешкото гостување доби уште повеќе на значење и поради неиграњето на португалскиот интернационалец Кристијано Роналдо кој се жали на помала повреда но сигурно ќе биде во комбинација за реванш 1/4 финалниот натпревар од Лигата на шампиони.

Резултати: Атлетико (М) – Вилјареал 1:0, Барселона – Бетис 3:1, Сосиедад – Реал М. 0:4, Р.Валјекано – Селта 3:0.

Денеска на програмата: Малага – Гранада, Елче – Гетафе, Севилја – Еспањол, Валјадолид – Валенсија.