АВАЈА промовира нова кампања „Мојот глас – твоја должност“

26

Роми активисти и интелектуалци од граѓанската иницијатива АВАЈА, денеска, ја промовираа својата нова кампања „Мојот глас – твоја должност“ во пресрет на парламентарните избори 2020. Тие бараат политичките партии да ги вклучат приоритетите на ромската заедница во своите политички програми.

Во рамки на кампањата, претставниците на АВАЈА ќе организираат јавни сослушувања со носителите на листите за пратеници во 6-те изборни единици и централен настан на 8-ми април 2020 година, каде ќе се организира сослушување со претседателите на двете најголеми партии, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

На денешниот брифинг со новинарите, тие најавија дека ќе обезбедат поддршка од 12.000 Роми од 17 општини од Македонија за вклучување на приоритетите во политичките програми.

„АВАЈА воспостави структури на тим лидери во 17 општини, кои спроведуваат консултации со Ромската заедница за проблемите и потребите кои се идентификуваа во изминатиот период. Организиравме и средби со советниците на двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ каде што им ја претставивме кампањата. Одиме на средби и со амбасадори од различни земји, каде што ги истакнуваме потребите на Ромската заедница за да обезбедиме поддршка за заложба на политичките лидери за реализација на потребите на заедницата. Во текот на изборите активно ќе го следиме целиот процес со мониторинг тим кој ќе известува за сите нерегуларности и споредување на фер избори. За да ја зголемиме свеста кај заедницата и зрелоста кај политиките партии, организираме јавни дебати помеѓу ромските политички партии и граѓански активисти за дадат отчет за сработеното и со тоа да се придонесе за информиран избор на претстојните избори“, рече Алберт Мемети.

Според Елвис Шаќири, АВАЈА е граѓанска иницијатива, односно „Глас на Народот, која што пред се работи во интерес на заедницата и нема поврзаност со ниту една политичка партија. Остануваме посветени на барањата на Ромската заедница и активно ќе го следиме процесот на реализација на ветувањата, користејќи ги сите демократски средства. Со цел да ја зголемиме свеста кај заедницата и зрелоста кај политичките партии, организираме јавни дебати помеѓу ромските политички партии и граѓански активисти за дадат отчет за сработеното и да се придонесе за информиран избор на претстојните избори“.

Оваа втора кампања, организирана од АВАЈА, има цел да ги застапува интересите и приоритетите на Ромската заедница на предвремените парламентарни избори 2020 и да ја подигне политичката култура за информиран избор кај ромската заедница.

Според претставниците на граѓанското движење АВАЈА, овој пристап ќе придонесе кон подигнување на политичката култура на ромските гласачи и ќе овозможи да направат информиран избор кој ќе биде во интерес на ромската заедница. Овие активности ќе придонесат кон зголемување на заложбите на политичките субјекти за решавање на проблемите на Ромската заедница.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.