Авиокомпанијата „SAS“ губи дневно 13 милиони долари, пилотите штрајкуваат 11 дена

Пилотите во авиокомпанијата „SAS“ штрајкуваат веќе 11 дена, а со штрајкот се засегнати стотици илјади туристи, пред се оние од скандинавските земји.

Претставниците на работодавачот и на синдикатите во текот на вчерашниот ден ги продолжија преговорите по новиот колективен договор што беа прекинати на 4 јули, но не успеаја да ги надминат несогласувањата. Се очекува разговорите да продолжат денеска, најавуваат од синдикатот „Данск метал“ што ги застапува данските пилоти во „SAS“.

Авиокомпанијата што подолг период е во криза соопшти дека штрајкот во шпицот на сезоната на патувања резултира со загуби меѓу десет и 13 милиони долари дневно, во време кога компанијата се обидува да ги намали трошоците и да привлече нови инвеститори за да опстане.

Пилотите вработени во филијалата „SAS Skandinaviа“, велат дека прифатиле ограничено намалување на платите и нешто понеповолни услови, за од управата на компанијата да посочат дека понудените отстапки не се доволни за успешно спроведување на опсежниот план за спас најавен во февруари годинава.

Синдикатите исто така бараат пилотите отпуштени за време на пандемијата повторно да се вработат во „SAS Scandinavia“, наместо да бидат конкуренција на потенцијалните кандидати за работно место во новоотворените подружници „SASLink“ и „SAS Connect“ со седиште во Ирска.

Авиокомпанијата чии главни сопственици се владите на Шведска и на Данска со акции од по 22 отсто, откажа 201 или 64 отсто од за денеска планираните летови.