Авиокомпаниите незаинтересирани за субвенционираната линија Охрид-Лондон

Рокот за пријавување на јавниот повик кој го распиша општина Охрид за субвенционирање на сезонската линија Охрид-Лондон истече, а за понудата не се пријавила ниедна компанија.

Во јавниот повик беше предвидена и финансиска поддршка за авиокомпанијата која ќе се пресметува по пристигнување на патник.

Според условите на минатиот повик, новата авио дестинација требаше да биде постојано опслужувана по однапред определен ред на летање. Корисникот што ќе ја добие финансиската поддршка требаше да воведе лет на релација Охрид – Лондон, со два лета седмично во периодот од 15 јули до 15 септември годинава, како и во текот на целите 2015 и 2016 година.

Притоа операторот требаше да обезбеди превоз за најмалку 9.600 патници годишно или минимум 800 на месечно ниво, во целиот период на користење на финансиската поддршка.

По завршувањето на сите законски процедури, општина Охрид планира да распише уште еден оглас.