Авион на „Ryanair“ принудно слетал во Берлин поради закана со бомба

Авион на нискобуџетниот ирски авиопревозник „Ryanair“ на линијата од Даблин за Краков, ноќеска бил принуден да слета на аеродромот во Берлин поради закана за поставена бомба, пренесе DPA.

„Полициските безбедносни мерки се завршени без да се открие никаква опасност“, изјави портпаролот на берлинската полиција.

„Патниците можеа да го продолжат летот кон Полска со резервен авион“, додал без да наведе повеќе детали за причините за тревогата.

Според весникот Bild, станува збор за закана од бомба, што се покажа како неоснована.

Авионот, во кој имало 160 патници, малку по 20 часот по локално време слетал на пистата на аеродромот Берлин-Бранденбург, во јужниот дел од германската престолнина.

Според германските медиуми, багажот на патниците бил истоварен од авионот за да го пребаруваат кучиња трагачи, додека авионот бил опколен од бројни полициски и противпожарни камиони.

„Авионот на Ryanair побара итно слетување што веднаш беше одобрено“, изјавоч за Bild портпаролот на аеродромот Јан-Питер Хак, прецизирајќи дека патниците биле донесени на терминалот на аеродромот за да се освежат.

Во јули 2020 година, авион на Рајанер леташе по истата рута на релација Даблин-Краков и мораше итно да слета во Лондон по закана за поставена бомба, што, исто така, се покажа за лажна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.