Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија го забранија прелетувањето на авионот со кој рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров утре треба да го посети Белград, потврдија за Данас извори од државниот врв.
Воедно, од кабинетот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопштија дека утре во 10 часот ќе се сретне со рускиот амбасадор во Белград, Александар Бочан-Карченко.
Како што претходно беше најавено, шефот на руското МНР треба да ја посети Република Србија на 6 и 7 јуни. Предвидени се средби со претседателот на таа земја, министерот за надворешни работи, претседателот на Народното собрание и патријархот на СПЦ.
Премиерката Ана Брнабиќ претходно денеска изјави дека ситуацијата околу доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград е „исклучително комплицирана“ и дека со логистиката на неговото патување се занимава српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Навистина е неверојатно ситуацијата во Европа и во светот да е таква што претседателот на една земја треба да се занимава со работи како што е логистиката на патувањето на министерот за надворешни работи, што одредува дали тој ќе дојде или не“, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк. и додаде дека имало проблеми со „прелетите“.
Претседателот Вучиќ, пред два дена изјави дека посетата на рускиот министер Сергеј Лавров е веќе закажана, а исходот од посетата е неизвесен додека не се оствари. Тој додаде дека не исклучува оти посетата на Лавров на Белград, може да ја загрози посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц.