Авионската бомба во Штип ќе биде неутрализирана в недела

Авионската бомба која пред речиси еден месец беше пронајдена во Индустриската зона во Штип при изведување на градежни работи за изградба на новиот погон на штипската фабрика „Актива“ сепак ќе се уништува на лице место во недела.

Заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Екрем Зендели за МИА вели дека одлуката е донесена вчера по заедничкиот состанок на кој присуствуваа и стручни лица од АРМ и Министерството за внатрешни работи.

„Не можам да преземам одговорност за човечки жртви, бидејќи стручните тимови од трите институции укажаа дека не можат да гарантираат за безбедноста на луѓето кои би ја дислоцирале бомбата и би ја транспортирале на место каде што би се уништила“, изјави Зендели.

Истакна дека уништувањето на бомбата која е тешка 130 килограми, долга над еден метар и во која има 70 килограми експлозив ќе се уништи со современа метода, при што нема да предизвика штети или поголем потрес.

Еден ден пред да се уништи бомбата Министерството за внатрешни работи треба да ги извести граѓаните кои живеат во блиските населби да не бидат во своите домови, а исто така недела е и неработен ден, кога и сите штипски фабрики и фирми кои се во непосредна близина не работат со што во фабричките хали ќе нема работници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.