АВМУ контра МВР: Не шириме дезинформации, бараме информација за Бојан Јовановски

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го повикува МВР меѓуинституционалната соработка и транспарентноста кон јавноста да не ги етикетира како ширење дезинформации.

Во соопштението до јавноста Агенцијата информира дека се обратиле до МВР за да ги проверат сознанијата дека на лицето Бојан Јовановски му било доделено обезбедување како на сопственик на 1ТВ.

„Како што ѝ е познато на јавноста, регулаторот има започнато постапка за утврдување дали е прекршена законската одредба која забранува тајно содружништво. За да ја утврди фактичката состојба, Агенцијата се обраќа до релевантни државни органи кои би можеле да имаат информација од значење за постапката.

Во овој контекст е и изјавата на директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски во емисијата ‘Код‘ кој што јасно посочува дека се чека одговор од МВР за да се утврди вистинитоста на добиените сознанија.

Најефикасниот начин за борба против дезинформации и лажни вести е проверката на факти. Токму затоа, сѐ додека не ја затвори постапката, Агенцијата ќе продолжи да бара информации од надлежните институции“, се велив соопштението од АВМУ.

Што се однесува до информацијата побарана од МВР, оттаму додаваат дека се надеваат оти таа ќе им биде доставена со истата брзина со којашто, како што велат, бил изготвен вчерашниот демант.