АВМУ: Покренување обвиненија против новинари за објавување информации негативно се одразува врз слободата на медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е загрижена за состојбата со слободата на информирање поради одлуката на Основното јавно обвинителство да покрене обвинение против новинарот и главен уредник на порталот „Бизнис лидер“ Љупчо Златев поради објавување интерни документи од Управата за безбедност за контраразузнавање.

-Информирањето за случај за можна злоупотреба на одредена институција, за кој се води судски процес е една од суштинските задачи на слободните и независни медиуми. Ваквиот јавен надзор гарантира одговорност и транспарентност на државните органи. Агенцијата, како и досега, апелира новинарите да ги почитуваат професионалните и етичките новинарски стандарди, да информираат објективно, непристрасно, а инстититуциите да имаат предвид дека покренувањето обвиненија против новинари за објавување информации негативно се одразува врз слободата на медиумите и врз напорите за заштита на јавниот интерес, информираат од АВМУ.