Авганистанските талибани јавно камшикувале 30 лица, меѓу кои и жени соопштија локалните власти во понеделникот.
Главниот шеријатски судија во провинцијата Џаувазџан, Абдул Вахаб Захид, изјавил дека 22 лица од осудените добиле по 25 и по 39 удари со камшик, обвинети за кражби, прељуба и растурање дрога.
На јавното извршување на казната присуствувале и локалните службеници, свештенство и племенски старешини.
Во провинцијата Каписа на ист начини биле казнети седум мажи и една жена, потврдил шефот на апелацискиот суд на округот Наџран, Субханудин Собхани..
Во исламскиот законик – шеријатот, злоделата опфатени со категоријата хадд како што прељуба, кражба, консумирање алкохол, се казнуваат со различни видови казни, покрај јавно камшикување и каменување, дури и со ампутирање на екстремитетите во зависност од тежината на прекршокот.
И покрај повиците на меѓународната заедница и активистите за човекови права да се почитуваат темелните човекови права во Авганистан, особено правата на жените и девојките, во ноември талибанскиот водач Хаибатула Ахунџада им нареди на судиите во земјата да ги поддржуваат сите аспекти на шеријатскиот законик, кој и во многу муслимански земји денес се смета за анахрон и многу крут во толкувањата.
Кога дојдоа на власт во 1990-тите години со западна помош во борбата против советската инвазија која интервенираше во Авганистан на повик на тогашната комунистичка влада во Кабул, талибаните беа осудени од светската јавност за ваквите казнувања, кои неретко вклучуваа и јавни егзекуции.
Откако на 15ти август минатата 2021 година талибаните се вратија на власт по хаотичното повлекување на војските на САД и сојузниците, нивните челници ветија дека ќе владеат поумерено, но според оцените на светските организации тоа не се остварува.
Талибаните се обвинети дека ги задушуваат основните права на жените и за ограничување на медиумските слободи, додека големи делови од земјата тонат во сиромаштија, и поради блокирањето на средствата во странство и на меѓународната помош.
Ниедна земја досега не ја призна талибанската влада иако некои одржуваат контакти со Кабул, а жените и претходно седмицава излегоа на протест на улиците за да го осудат ограничувањето на правото на работа и слободата на движење, како и пристапот до образование.