Јавното обвинителство бара продолжување на притворот на Јанева за уште 30 дена

46

Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе предлог да и се продолжи триесетдневниот притвор на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, кој завршува во петок.

До сега притворот на Јанева беше под сите три основи, опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото. Овој пат обвинителството бара да и се продолжи притворот по првите две основи, а не и по третата за повторување на делото бидејќи веќе е разрешена.

Вчера нејзината адвокатка Ирена Фрчковска поднесе барање за укинување на мерката притвор за Јанева. Одлуката за барањата на обвинителството и одбраната ќе биде донесена најдоцна до петок.

Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлулка ќе донесе Судот, изјави Фрчковска.

Таа посочи дека бараат Катица Јанева да се брани од слобода, за што предложиле и други мерки за обезбедување, како и гаранција во недвижен имот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.