Јавното обвинителство го нападна Пендаровски за случајот „Рекет“

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) денеска реагира на вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски за случајот „Рекет“.

Не е време за напади на институциите, наведува ЈОРСМ и додава дека нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото, стои во соопштението од Обвинителството.

ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.

ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.

Извор: МИА