Австралија ја оплакува кралицата Елизабета

Австралија во четвртокот го одржа националниот ден на жалост по британската кралица Елизабета Втора, а премиерот Ентони Албанесе изјави дека најголемата почест која нацијата може да ја понуди не е споменик, туку „повторното прифаќање на идејата за служење на заедницата“.

Имајќи предвид дека овој ден е прогласен за неработен и празник во Австралија, во зградата на парламентот во Канбера одржана е церемонија на сеќавање на кралицата Елизабета Втора, која како шеф на австралиската држава ја посети земјата 16 пати во текот на седумте децении на престолот. На комеморацијата присуствувале 600 високи гости.

Церемонијата ја отвори лидерката на домородната заедница Вајолет Шеридан, која го изведе традиционалниот ритуал за добредојде и се присети на кралицата Елизабета како „мајка и баба“. Настанот се одржа пред протестот во три града каде се организираа домородните групи против монархијата и влијанието на британската колонизација и робовладетелството врз абориџинските заедници.

Премиерот Албанесе, кој ден претходно се врати во Австралија откако присуствуваше на погребот на кралицата Елизабета Втора во Лондон, истакна дека почеста на нејзиниот спомен се оддава „на континентот кој е дом на најстарата континуирана култура на светот“.

Албанесе ја поддржува идејата Австралија да стане република, но претходно изјави дека неговата лабуристичка влада на левиот центар ќе даде приоритет на признавањето на припадниците на „Првите народи“ во Уставот, што, како секое минување во република, бара национален референдум. Референдумот за република не беше успешен во 1999 година, а неодамнешните анкети покажаа дека јавното мнение е поделено.

Во говорот во меморијалната церемонија, Албанесе рече дека Австралија доживеала трансформација во текот на владеењето на кралицата Елизабета Втора. Кога кралицата била на својата прва турнеја, Велика Британија била најголем трговски партнер на Австралија и најголем извор на миграции, додаде.

„Таа Австралија од 1954 година, кога седум милиони луѓе, или 70 отсто од населението, го дочека првиот суверен кој ја посетил оваа земја, била, во речиси секој поглед, различна држава во различен свет“, рече Албанесе.

Додаде дека кралицата била „горда на напредокот“ на Австралија и „застана со нас“, а во Австралија „наклонетоста кон неа остана силна“.

„Можеби најголемата почест која можеме да ја понудиме на нејзиното семејство и споменот на неа, не е мермерна статуа или метална плоча. Тоа е обновување на идејата за служењето на нацијата“, рече австралискиот премиер.