Австралија бара враќање на Асанж, а не екстрадиција во САД

Австралискиот премиер Ентони Албанес се надева на крај на кривичниот прогон на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако пратениците го засилија притисокот врз Соединетите Држави и Велика Британија со усвојување на предлог со кој се повикува овој австралиски државјанин да се врати во неговата татковина.

Албанес во парламентот рече дека во прашање се деновите пред Високиот суд во Лондон да ја разгледа жалбата на Асанж против екстрадицијата во САД поради обвиненијата за шпионажа

„Се надевам дека ова може да се реши на пријателски начин. Не е на Австралија да се меша во правните процеси на другите земји, но соодветно е да ја искажеме нашата многу силна позиција дека тие земји мора да ја земат предвид потребата да се доведе ова до крај“, рече Албанес.

„Без разлика каде се луѓето, оваа работа не може да трае бесконечно“, додаде австралискиот премиер.

Сопругата на Асанж на прес-конференција во Лондон изјави дека претстојното рочиште е прашање на „живот и смрт“ бидејќи здравјето на нејзиниот сопруг во затворот продолжува да се влошува и таа се плаши дека тој ќе умре зад решетки.

„Неговиот живот е во опасност секој ден колку подолго останува во затвор“, изјави Стела Асанж.

„Ако биде екстрадиран, ќе умре“, додаде таа.

Асанж се соочува со дводневно сослушување кое започнува во вторник во Високиот суд за тоа дали неговата жалба за екстрадиција треба да биде целосно уважена. Ако загуби во таа фаза, ќе ги исцрпи сите правни лекови во Англија, а неговите поддржувачи стравуваат дека може брзо да биде испратен во САД пред да може да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права.

Албанес беше меѓу 86-те пратеници кои гласаа за предлогот со кој се повикуваат Соединетите Американски Држави и Велика Британија да го „завршат процесот за да може Асанж да се врати дома кај своето семејство во Австралија“.

Асанж се наоѓа во затворот Белмарш во Лондон кој е со висок степен на безбедност, откако беше уапсен во 2019 година за прекршување на кауцијата за време на правна битка што ја води таму.

Пред тоа, тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска под обвинение за силување и сексуален напад. Шведска се откажа од истрагата за силување во 2019 година бидејќи поминало премногу време.