Австралија опен: Медведев победи по заостанувањето од 0-2 во сетови

Во второто коло опасно живееше рускиот тенисер Данил Медведев, третиот носител на Грен слем турнирот Австралија Опен, но успеа во пет сета да го совлада Финецот Емил Русувуори откако заостануваше со 0-2.

По нешто помалку од четири ипол часа игра, Медведев го совлада Русувуори со 3-6, 6-7(1), 6-4, 7-6(1), 6-0. Натпреварот заврши длабоко во ноќта по локално време, дваесет минути до 4 часот наутро.

Русувуори одигра добро во текот на четирите сета, со посебен акцент на првите две делници кои ги доби. Медведев, пак, како одминуваше мечот го креваше својот играчки ритам, иако треба да се нагласи дека финскиот тенисер беше на само два поена од голема победа кога водеше со 5-4 во четвртиот сет.

Кога Медведев го освои тај-брејкот од четвртиот сет, имаше отворен пат до победата. Последниот петти сет го доби без загубен гем, а на почетокот на последниот сет Русувуори побара лекарска помош поради болки во рамото.

Во третото коло Медведев ќе игра против канадскиот тенисер, 27-ми носител Феликс Оже-Алиасиме.